Неодамна се откри дека „Фејсбук“ им дозволи на други компании да ги користат нашите лични информации. Скандалот е толку голем, што некои луѓе размислуваат да го напуштат „
Фејсбук“, но компанијата и поголемиот дел од двете милијарди корисници ќе се помират.
Мнозинството ќе се вратат на „Фејсбук“, како што и направиле претходниот пат и многу пати пред тоа. Како и во сите врски со злоупотреба, корисниците психолошки се зависни и тоа ги држи врзани и покрај тоа што знаат дека тоа не е добро за нив.
Истражувањата покажуваат дека нашата врска со сите медиуми, без разлика дали станува збор за филмови, телевизија или радио, е симбиотична. Луѓето ги сакаат поради задоволствата што ги добиваат кога ги консумираат - како бегство од реалноста, релаксирање и друштво. Колку повеќе луѓе ги користат, толку повеќе задоволства тие бараат и добиваат.
Сепак, со онлајн-медиумите, медиумските компании добиваат информации за да можат да го служат токму она што најмногу ги задоволува потрошувачите. Освен овозможување содржина која ние ќе ја консумираме, „Фејсбук“, „Твитер“ и „Гугл“ ни даваат нови можности за интеракција на платформата кои можат да задоволат некои од нашите природни човечки желби. Интерактивните алатки на „Фејсбук“ овозможуваат упростени начини за привлекување на вашата љубопитност, објавување на вашите мисли, промовирање на вашата слика, одржување врски и исполнување на желбата за докажување.
Социјалните медиуми ги искористуваат честите психолошки тенденции за да ве привлечат да продолжите да кликате и да откривате уште повеќе за себе. Еве зошто е толку тешко да му ставите крај на користењето на социјалните мрежи.
Спасување на „пријателствата“
Колку повеќе кликате, толку појаки се вашите онлајн-врски. Кликањето „ми се допаѓа“, коментирањето на фотографии на пријатели, честитањето родендени се само неколку начини на кои „Фејсбук“ ви дозволува да се вклучите во „социјално дотерување“. Сите овие мали контакти им помагаат на корисниците да ги одржат врските со голем број луѓе.
Калапење на сликата што сакате да ја покажете
Колку повеќе откривате, толку се поголеми вашите шанси за успешна самопрезентација. Студиите покажуваат дека стратешката самопрезентација е клучна карактеристика на користењето „Фејсбук“. Корисниците го обликуваат нивниот интернет-идентитет така што откриваат на кој концерт биле и со кого, што поддржуваат итн. На овој начин можете да го организирате своето интернет „јас“ и да ги менаџирате импресиите што другите ги имаат за вас, нешто што би било невозможно да го направите во реалниот живот толку редовно и прецизно. На интернет цело време ја прикажувате идеалната верзија од себеси.
Шпионирање преку отворен прозорец
Колку повеќе кликате, толку повеќе можете да ги следите другите. Ваквиот вид социјално пребарување и набљудување е меѓу најважните благодати што ги нуди „Фејсбук“.
Повеќето луѓе уживаат да гледаат туѓи профили на социјалните мрежи, често правејќи го тоа скришно. Психолошката потреба да ја набљудувате вашата околина има длабоки корени и ве тера да бидете во тек со вестите на денот и да бидете жртва на стравот да не испуштите нешто. Дури и оние што сакаат приватност и не сакаат да откриваат премногу за себе, го користат „Фејсбук“ за да ги шпионираат другите.
Зајакнување на социјалните ресурси
Колку повеќе откривате, толку поголема станува вашата социјална мрежа. Ако сте поотворени на „Линкдин“, тоа може да ви донесе нова работа, а може и да му помогне на некој пријател од средношколските денови да ве најде.
Активноста на социјалните мрежи исто така е поврзана со зголемување на самодовербата.
Зголемување на вашето племе
Колку повеќе кликате, толку поголема и подобра е бандата. Кога ќе споделите некоја вест на социјалните мрежи или ќе одобрите производ или услуга, вие придонесувате во создавањето банда на поддршка.
На овој начин сте дел од интернет-заедниците што се оформуваат околу идеи, настани, движења, приказни и производи, што на крај може да го зајакне вашето чувство на припаѓање.
Се изразувате и ве поддржуваат
Колку повеќе откривате, толку е поголем ефектот. Без разлика дали е твит, статус или блог-пост, вие се изразувате и помагате во обликување на дискурсот на социјалната мрежа. Изразувањето може да биде многу моќно.
Сите тие лајкови и позитивни реакции можат да го зајакнат вашето чувство на вредност преку привлекување на вашата вкоренета психолошка потреба за надворешно докажување. На сите овие начини социјалните мрежи ни овозможуваат многу важни задоволства за полесно да продолжиме напред. Ако мислите дека повеќето корисници ќе се откажат од сето ова поради скандалот, размислете повторно.
Алгоритмите никогаш нема да ве пуштат
Иако повеќето луѓе се свесни дека алгоритмите ги напаѓаат нивните лични податоци, има и целосно разбирање дека споделувањето на личните податоци е неопходно зло кое помага во зацврстувањето на вашите искуства.
Алгоритмите кои ги собираат вашите информации исто така се алгоритмите кои ве поттурнуваат да бидете социјални, на основа на вашите интереси, однесување и мрежа на пријатели. Ако „Фејсбук“ не ве подбуцнува, веројатно не би биле толку социјални.
Размислете само колку известувања ви праќа „Фејсбук“ за настаните. Кога ќе ви биде презентиран некој настан, можеби ќе размислите да одите, веројатно дури и ќе ја посетите страницата, а можеби и ќе кликнете дека сте заинтересирани или пак ќе одлучите да одите. Ниедна од овие одлуки не би била можна без да ве подбуцнат.
Што ако „Фејсбук“ никогаш не ве подбуцнал? Што ако алгоритмите никогаш не ви дале препораки или сугестии? Многу е помала веројатноста да направите нешто ако не сте поттикнати. Ако „Фејсбук“ никогаш не ве поттикнел да одите на настани, да додадете пријатели, да гледате постови на други луѓе или да честитате роденден, најверојатно нема да го направите тоа. „Фејсбук“ многу добро го знае тоа. Само пробајте да го избришете вашиот профил и ќе ве натера да сфатите колкаво складиште за податоци е тоа. Профилот ќе биде деактивиран, сета меморија ќе испари и ќе загубите контакт со сите пријатели.