X
 19.05.2021 Наша тема

Гоце Цветановски, режисер и сценарист: Селекцијата на Фестивалот во Анеси е потврда дека „Јон Вардар“ е компетитивен проект на светско ниво

Анимираниот филм е во постојан подем во последните 30 години, едноставно побарувачката за анимирани содржини само расте. Најгледаниот филм на „Јутјуб“ е краток анимиран со Маша и Медо, а во Македонија, серијалот за Биби, во кој имав среќа да бидам дел од креативниот тим уште од самиот почеток, има над 30 милиони прегледи. Не би сакал да звучам претенциозно, но сигурен сум дека толкава гледаност немал ниту еден домашен игран филм, вели Цветановски, режисер и сценарист, чиј анимиран филм „Јон Вардар против галаксијата“ деновиве е селектиран на маркетот за анимиран филм на престижниот Фестивал за анимиран филм во Анеси, Франција

Вашиот анимиран филм „Јон Вардар против галаксијата“ е селектиран на маркетот за анимиран филм на Фестивалот за анимиран филм во Анеси, Франција. Се работи за програмата „Запознајте ги продуцентите“. Како дојде до селекцијата и што претставува оваа програма?

- Програмата „Запознајте ги продуцентите“ е селективна и има две намени: едната е да презентира проекти што се во поодмината фаза на продукција пред светските купувачи на анимирани програми – телевизии, ВОД-платформи, дистрибутери и слично, а другата е да се заинтересираат можни партнери што би влегле како копродуценти.

Станува збор за фестивал од А-категорија, заедно со фестивали како што се Кан, Венеција, Берлин, Торонто... Колку ваквиот успех може да ги отвори вратите за македонскиот филм?

- Па, сведоци сме на огромниот успех што го доживеа екипата на „Медена земја“. Тие докажаа дека со добар филм може да се стигне на најдалечните и највисоки дестинации. Секако, филмот тоа сосема си го заслужи, а мислам дека селекцијата и победата на фестивалот „Санденс“ беа одлична отскочна штица за историскиот подвиг што го изведоа.



Фестивалот во Анеси, кој постои од 1960 година, е престижна дестинација на целокупната светска анимациска индустрија, со околу 20.000 професионални учесници. Имавте ли можност да погледнете кои и какви филмови се селектирани годинава?

- Сè уште ја немам проучено програмата, но секоја година Анеси е крстопат каде што ќе видите и екстремно интимни, уметнички филмови, наменети за поинтелектуална публика, како и најголемите светски блокбастери за пошироката публика. Сите техники на анимација се присутни, и сите форми. Ќе ви раскажам една мала анегдота. Во 2008 година од администрацијата на фестивалот ме известија дека сум првиот професионален учесник од Македонија што купил акредитација за учество на пазарот за анимиран филм. Бев неизмерно горд кога го видов македонското знаме како се вее на полјаната на Анеси меѓу сите други светски знамиња, особено затоа што знаев дека токму јас сум причината за тоа.

„Јон Вардар против галаксијата“ е копродукција со неколку држави, меѓу кои Хрватска, Бугарија, Унгарија. Колку е тешко да се обезбеди ваква меѓународна поддршка за едно филмско дело, особено за анимиран филм?

- Потрагата по партнери траеше околу 3 години. Освен успешните апликации во наведените земји, имавме уште повеќе одбиени апликации, и тоа во Литванија, Украина, Франција, Португалија, Данска, Србија, „Еуримаж“... Но кога нешто се сака од сè срце, поимот откажување не постои. Селекциите на светски и европски пазари и форуми за анимација помогнаа, веќе 5 години сме активно присутни на сите значајни настани поврзани со оваа индустрија. Вкупниот буџет на филмот засега е 1,1 милион евра. Од нив, 265.000 се обезбедени како поддршка од Агенцијата за филм на РС Македонија, а проектот е исто така поддржан од Хрватскиот центар за аудио-визуелни уметности (ХАВЦ), од Бугарскиот филмски фонд, како и од Унгарскиот институт за филм. Исто така, имаме и приватни инвеститори, нешто што е исклучително ретко за филмската индустрија од целиот регион. Селекцијата во Анеси е уште една потврда дека „Јон Вардар“ е компетитивен проект на светско ниво.





Кај нас единствената поддршка доаѓа од Агенцијата за филм, треба ли можеби да профункционираат инвестициите во културата од приватниот сектор и како да дојдеме до тоа?

- Порано постоеше закон што стимулираше спонзорство во културата и спортот со даночни олеснувања. Откако законот беше сменет, ударот се почувствува најмногу во културниот сектор. Жално е да се гледа како систематски опаѓа генералната култура на целото општество и како вредностите се насочуваат само кон материјалното. Се сеќавам дека додека студирав во Франција, баба ми ми велеше: „Внучко, за еден касај леб сегде ќе заработиш. Духовното осиромашување е многу пострашно од сè друго“. Политичарите од која било власт треба прво да мислат на народот, а потоа на својот џеб. Ова, се разбира, е утопистичка идеја, и во меѓувреме предлагам поедноставно, реално и практично решение - враќање на законот за олеснување на даноци за спонзорство во културата и во спортот. Ваквиот закон постои во сите развиени земји и овозможува приватниот сектор активно да учествува во поддршка на културни и спортски групации и манифестации. Доколку овој закон се врати во употреба, сигурен сум дека веднаш ќе се забележат позитивни резултати.

Што значи да се работи анимиран долгометражен филм. Колку работа и време бара тоа?

- Оф. Да знаев пред да почнеме, можеби ќе размислев... Ова е авантура што трае веќе 6 години - поради недостигот од образовани кадри во полето на 2Д-анимацијата, целата претпродукција на филмот траеше многу долго и беше финансирана од приватни средства. Аниматорите ги обучувавме во студиото, додека се работеше. Со сигурност можам да кажам дека тимот на филмот сега спаѓа меѓу најсилните тимови за 2Д-анимација во Европа, но до ова ниво стигнавме со многу експериментирање, учевме од сопствените грешки и не дозволивме да ни опадне мотивацијата дури и во најтешките моменти. Засега соработката со партнерите оди одлично, Унгарците се речиси завршени со нивниот дел, додека Хрватите и Бугарите ќе почнат наскоро, поради кризата со ковид-19 имаше доцнење на исплатата од државните институции. За среќа, ситуацијата се среди и проектот веќе влегува во завршна фаза. Ги поделивме задачите така што секое студио да може да дејствува независно од работата на другите, а сепак имаме редовна комуникација. Секогаш се радуваме кога ќе ни стигне нова тура на завршени кадри, и колку повеќе се приближуваме до крајот на продукцијата, толку повеќе ја сфаќаме големината и важноста на овој проект не само за македонската, туку и за регионалната анимациска сцена. Инаку, имаме уште околу 18 месеци работа до завршување на филмот. Анимацијата е ужасно бавна работа и кога на студија како „Дизни“ и „Пиксар“, кои имаат по 500 вработени, им требаат 3 години за реализација на филм со буџет од 100 милиони долари, можете да замислите како е кај нас, кога имаме многу помал буџет и многу помала екипа. Но недостигот на финансии го компензираме со многу ентузијазам и посветеност. Моментално чекаме исплата од Агенцијата за филм на претпоследната рата, со која ќе ги покриеме наредните 8 месеци работа на тимот. Чисто за споредба, со истиот буџет кој нас ќе ни трае 8 месеци, игран филм може да се снима точно 4 дена.





Вие сте автор и на сценариото на филмот. Колку се важни приказната и нејзината порака, покрај техничките и продукциските квалитети на еден филм, за тој да си го најде патот до светските фестивали, награди, фондови?

- Филм без добра приказна е како риба без вода. Едноставно не може да постои. На еден мастер-клас за сценарио во Германија менторот ни кажа многу интересна теорија. Беше Шпанец и, за жал, моментално не ми текнува неговото име, но според него, можеш да се сметаш за добар сценарист доколку кога ќе ги ставиш на куп еден врз друг листовите од сите твои претходни напишани сценарија и приказни, тие достигнат висина на столче на кое ќе можеш да седнеш. Дури тогаш, велеше, можеш да почнеш да го пишуваш твоето прво квалитетно сценарио. Со околу 10.000 страници кои ги имам досега напишано, а голем дел и реализирано, се чувствувам конечно спремен да навлезам во наредната фаза, односно во светот на долгометражниот филм. Приказната на филмот е следната: Јон Вардар работи како Дедо Мраз во голем трговски центар, но денот му тргнува лошо и завршува со негово отпуштање, по што тој ќе се најде изгубен надвор во снежна бура. Токму во моментот кога ќе помисли дека не може да му се случи нешто полошо, Јон е киднапиран од страна на еден робот - мегаломан по име Зарк, и станува уште еден примерок во неговата интергалактичка зоолошка градина. Понатаму приказната добива епски пропорции. По игра на околностите, Јон успева да го „поправи“ прегорениот чип на Зарк и тие стануваат најдобри пријатели. Но уште поголемо зло ја демне галаксијата: лошите вселенски пирати - брутосите се на мисија да ги окупираат сите населени планети. Јон и Зарк ќе се здружат во борба против нив, а во тоа се помогнати од страна на Лили, вонземјанка-воин кон која Јон има симпатии. Дали нашите херои ќе успеат да ги совладаат брутосите и ќе го вратат мирот во галаксијата, останува да видите во филмот. „Јон Вардар против галаксијата“ е, пред сè, фамилијарна комедија, но во себе носи длабока хуманитарна порака за меѓусебна толеранција и почитување на оние што се различни од нас.

Кога може да ја очекуваме премиерата? Планирате ли негова дистрибуција надвор од Македонија?

- Секако, можам да се пофалам дека имаме потпишано договор за светска дистрибуција со „Левел К“, дистрибутерска компанија од Данска, која е една од најголемите европски дистрибутерски куќи и има реализирано одличен пласман на над 100 играни и анимирани филмови во последните десетина години. Голем дел од нив биле прикажувани на најпрестижните филмски фестивали во светот. Времето ќе го покаже своето, но очекуваме филмот барем да ја дуплира сумата што е вложена во неговата продукција. Во согласност со стратегијата за светска дистрибуција, премиерата се очекува да биде во текот на 2023 година.

И за крај, ќе ја достигне ли некогаш анимираниот филм славата на играниот, особено ако се знае дека е многу тежок и изискувачки за работа?

- Анимираниот филм е во постојан подем во последните 30 години, едноставно побарувачката за анимирани содржини знае само да расте. Ако ги погледнете најуспешните играни филмови, сите имаат голем дел специјални ефекти во нив, кои технички спаѓаат во анимација, иако нивниот изглед е хиперреалистичен и не секогаш може да биде детектиран од неистренирано око. Најгледаниот филм на „Јутјуб“ е краток анимиран со Маша и Медо, а во Македонија, серијалот за Биби, во кој имав среќа да бидам дел од креативниот тим уште од самиот почеток, има над 30 милиони прегледи. Не би сакал да звучам претенциозно, но сигурен сум дека толкава гледаност немал ниту еден домашен игран филм. Гламурот на играните филмови е дијаметрално различен, суштината на неговата популарност се актерите, кој каква облека носи, каков автомобил вози, кој со кого е во врска итн., но анимираните филмови се со нас од детството и нивната топлина и ведрина ќе ја чувствуваме засекогаш. Секој родител, секој дедо и секоја баба со огромна радост ќе се навраќаат на своите омилени анимирани филмови со децата, а потоа и со внуците. Можеби ентузијазмот за гледање на истите филмови ќе им спласне по 153 гледања на истата содржина едноподруго, но тоа е веќе тема за друг разговор.
Подготвил: Весна Дамчевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема