Во пресрет на уписите на втор и трет циклус студии на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола, кои почнуваат на 24 септември 2025 г. споделуваме
успешна приказна на наша алумни со цел да ја покажеме реалната вредност на образованието стекнато на УКЛО и новите перспективи што им се нудат на студентите, особено денес, во светлината на членството во европската КОЛОРС Алијанса – платформа која поврзува девет универзитети од Европа и овозможува нови можности за академска мобилност и интердисциплинарна соработка.
Една од тие инспиративни приказни е животниот и професионален пат на д-р Дијана Павлеска Витроу, алумна на Факултетот за биотехнички науки – Битола, која денес е реномиран истражувач и соработник на водечки институции како GEOMAR – Helmholtz Centre for Ocean Research Kiel и University of Plymouth, UK.
Нејзината приказна највпечатливо ја пренесува нејзината професорка - проф. д-р Дијана Блажековиќ-Димовска: „Нашата некогашна студентка Дијана Павлеска, а денес д-р Дијана Павлеска Витроу, реномиран научник кој работи како Associated Scientist на Faculty of Engineering, GEOMAR-Kiel (Marine Biology institute), како и на University of Plymouth, UK, е гордост и алумни за нашиот факултет, со што уште еднаш се докажува значењето на Факултетот за биотехнички науки – Битола и на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ - Битола како отскочна штица за успех и градење завидна интернационална кариера.
Имено, еден врнежлив, есенски ден, пред една година, веднаш по завршувањето на првиот ден од Меѓународната научна конференција на УКЛО, пред платото на Офицерскиот дом - Битола, Дијана случајно се среќава со својата некогашна професорка, продеканката за наука и меѓународна соработка на Факултетот за биотехнички науки - Битола, проф. д-р Дијана Блажековиќ- Димовска и ѝ ја раскажува својата животна приказна. Нејзината успешна и мотивирачка приказна нека биде поттик за сите млади и амбициозни луѓе кои треба да знаат и да умеат да го препознаат квалитетот и да се насочат во вистински правец во својата животна определба.
Дијана Павлеска, покрај завршувањето на своите студии на Факултетот за биотехнички науки Битола, во 2009 година, паралелно завршила и “BA International Relations” на University of Central Florida во Орландо, САД. Бидејќи желбата и мотивацијата ја воделе кон академските предизвици, таа се запишала на мастер студии во Германија, каде што во 2015 година, по одбраната на својата магистерска теза со наслов “Prediction, Exploration and Involvement of miRNAs Expression Level in Rats' Blood during Diet Enriched with Quercetin”, се стекнала со академско звање MSc. Animal Genetics (AgriGenomics).
Во својата кариера работела како Research Scientists на различни проекти, од кои особено ги истакнува следните: ”Effects of Fucoidan, a Brown Algae Extract from the Baltic Sea, on Blood Cancer and Angiogenesis”, “3D Printed Biological Materials and their Use in Heart Valve Replacement and Reinforcement” и “IBS Development and Treatment in Mice with ORMDL Triple Gene Knockout”.
Следно, направила комбинација на нејзиното искуство во биологијата со инженерството и во 2024 година ја завршила докторската дисертација на тема “Dynamic Maintenance of the Nerve Network in Hydra and its Application in Energy-Saving Devices” на Faculty of Engineering, CAU, Kiel, Германија.
Неодамна беше на истражувачка мисија на Антартикот, каде што како раководител на научноистражувачки проект за морски ѕвезди, земаше примероци од поларниот регион за испитување на нивното влијание врз регенерација на ткивото кај човекот по повреда и споредување со истите од Средоземно Море.
Д-р Дијана Павлеска Витроу има желба да се воспостави соработка помеѓу нејзиниот некогашен и сегашен факултет, притоа истакнувајќи дека Факултетот за биотехнички науки - Битола е признат и доста ценет факултет во Германија.
Ние, како кадар на Факултетот за биотехнички науки - Битола, се гордееме со Дијана и нејзините успеси и ѝ посакуваме понатамошна среќа на сите полиња од животот“, со гордост вели нејзината некогашна професорка Дијана Блажековиќ-Димовска.
Споделената инспиративна приказна и патот до успехот на нашата алумни, д-р Дијана Павлеска Витроу - е доказ за вредноста на академската основа стекната на УКЛО. Професионалниот и научен развој на д-р Дијана Павлеска Витроу покажува дека основата за големи достигнувања се поставува уште на додипломските студии – кога изборот на факултет значи избор на насока, ментори и вредности.
Ова, од перспектива на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ - Битола, претставува дополнително верување дека новите генерации студенти имаат уште поголеми перспективи, особено со вклучувањето на УКЛО како активна членка на КОЛОРС
Алијансата – современ европски универзитетски екосистем што отвора врати кон знаење, соработка и мобилност на европско ниво.
Професионалниот и научен развој на д-р Дијана Павлеска Витроу е впечатлив академски пат што инспирира .
(Комерцијална објава)