X
 19.09.2025 Наша тема

„Eлектротехниката подобро се учи со музика“, вели Владимир Роме, професор во средното техничко училиште во Битола, кој паралелно се занимава и со музика

Љубовта кон електротехниката ја имал од мали нозе, а ја наследил од татко му. Уште во трето-четврто одделение почнал да ги прави првите електронски склопови, а во четврта година средно кога професорот го прашал што сака да биде, без размислување одговорил: „Ќе ви бидам колега и професор во ова училиште“. По неколку години Роме се вработил во Техничкото училиште, кое сега го носи името „Ѓорѓи Наумов“, и до денес е професор по предмети од електротехничка струка

Со музика почнал да се занимава многу рано преку мандолинскиот оркестар во основното училиште во Битола, каде што прво свирел на мандолина, а потоа и на гитара. По завршувањето на осмолетката, некаде во 1980 година, ја формирал групата „Катаклизма“, своевремено редовно присутна на сите рок-манифестации во градот. Првиот позначаен настап бендот го имал кога Владимир Роме бил прва година во средното техничко училиште. Настапиле на ракометното игралиште во Битола заедно со „Цилиндер“, „Гром“ и „Хомосапиенс“.

Иако одлучил да студира на Електротехничкиот факултет во Скопје, не се откажал од музиката. Во тоа време го променил името на групата во „П.С. бенд“ и ги компонирал и снимил првите две песни за Македонската радио-телевизија, за потребите на емисијата „Видео метроном“ која ја водела Вера Јанковиќ. Аранжманот за песните „Не зборувај ништо“ и „Сети се“ го направил Дарко Мијалковски, синот на македонскиот популарен пејач Драган Мијалковски, а придружен вокал била неговата сестра Сузана (Роме) Котевска, која веќе 35 години е во Австралија, каде што е успешен доктор, специјалист гинеколог-акушер.



Песните биле хитови на Македонско радио и белградско „202“

Со овие две песни „П.С. бенд“ постигнал голем успех кај нас и на екс-ју просторите. Биле хит на месецот на Македонското радио и седум недели на прво место на Демо топ-листа на белградското радио „202“, која ја водел познатиот рокер Љуба Нинковиќ. Роме гостувал на белградско „202“ заедно со Рамбо Амадеус. Потоа следувале и песните „Седум години“ и „Сам“ во соработка со битолскиот клавијатурист и композитор Миодраг Нечак.

- Има една анегдота од едно наше гостување во емисијата „Скопска програма“ на МРТ - додека чекавме да настапиме во собата за гости бевме заедно со членовите на „Бијело дугме“. Побаравме и добивме автограми. Јас, немајќи хартија, им ги дадов пакувањата од жици за гитара на кои ги ставија автограмите. Басистот Пепи му даде хартија на Бреговиќ и кога тој го праша за кого да напишам дека е, Пепи проба да зборува босански, па му рече „Пепи са вел’ко п“ (со големо П), па Горан му напиша за Велко П.- раскажува Роме.

Љубовта кон електротехниката ја имал од мали нозе, а ја наследил од татко му. Уште во трето-четврто одделение почнал да ги прави првите електронски склопови, а во четврта година средно кога професорот го прашал што сака да биде, без размислување одговорил: „Ќе ви бидам колега и професор во ова училиште“. По, неколку години Роме се вработил во Техничкото училиште, кое сега го носи името „Ѓорѓи Наумов“, и до денес е професор по предмети од електротехничка струка.



Најомилени му се првата гитара и онаа со автограмот од Влатко Стефановски

Музиката му остана хоби, како и графичкиот дизајн. Компонираше и за детскиот фестивал „СИ-ДО“, а на „Макфест“ беше автор на текстот на песната „Сара“ на групата „Гром“.

- Музиката не е нешто што можеш да го оставиш. Никогаш не престанав да свирам и да творам. Гитарите ги чувам во дневната соба. Посебно ми се драги, особено првата од средношколските денови, која ја имам цели 42 години и со неа сум ги свирел сите песни снимени за МРТ. Другата гитара ја купив од Влатко Стефановски и е со негов автограм. Со неа ја снимив „Овде нема правда“. Гитарите постојано ми се на дофат и секогаш кога ќе почувствувам потреба, ги земам в раце - вели Роме.

По подолга пауза, во 2012 година ја сними, а по две години направи римејк на „Срце скршено“, во студиото на групата „Ареа“ од Гостивар. Аранжманот и гитарите во римејкот се на Ивица Брчиовски, гитаристот на „Ареа“, а вокалот на Јордан Ивановски од групата „План Г“.

Рок-револт песни за состојбите во државата

Роме од 2017 до 2022 година беше директор на Техничкото училиште во Битола, кога го доживеал најболното животно искуство и на своја кожа ја почуствувал поларизацијата на општеството.

Политичката и економската состојба во државата, иселувањето на младите и присуството на корупцијата, политичкиот реваншизам и дискриминација беа причина да ја компонира песната „Овде нема правда“, која ја објави во октомври 2023 год. Песната од збор до збор ја опишува состојбата во државата. Таа е целосно авторско дело на Роме почнувајќи од музика, текст и аранжман, а тој ги свири и гитарите. Снимена е во студиото на Раде Стаматов, кој во песната свири клавијатура, на бас-гитара е Павле Јаневски, вокалот е на Бранко Шпољариќ-Паљач од бендот „Чоканче“.

„Кој што вреди овде нема иднина и живот,
One way ticket кај и да е овде сѐ е сиво.
Секој ден к’о лисја тутун афери се нижат,
сите знаат ама молчат, сите свесно мижат.
„Кај да одиш сегде гледаш системска деструкција,
овде веќе многу долго царува корупција“
„Едни туркат, други влечат стоиме во место,
наши ваши сѐ е исто и лево и десно.“


- Оваа песна ја напишав во еден здив. Таа е класична рок-револт песна - вели Роме.

Една година подоцна ја компонира песната „Спомени“ посветена на сестра му Сузана, која долго време е надвор од државата, но истовремено е посветена и за сите оние што од различни причини го напуштиле родното огниште и нема да се вратат назад.

„Овде е толку празно, толку безнадежно и ништо не е исто како порано“, се пее во песната.

-Двете песни се причинско-последично поврзани на начин што првата песна зборува за причините зошто со секој изминат ден имаме нови иселени од државата, а втората зошто тие што заминуваат не се враќаат назад - вели Роме.



На учениците им ја пренесува и љубовта кон музиката

- Има доста ученици меѓу оние на кои им предавам што се занимаваат со музика. Некои веќе доста сериозно, па свират во бендови. Дел од нив на „Јутјуб“ ги виделе снимките на „П.С. бенд“ од далечната 1989 година, кога уште не биле ни родени, како и видеозаписите од последните две песни. Ги интересира како било тогаш, каде се свирело, па за гитари какви имам, какви сакаат да купат, за засилувачи, гитарски ефекти... Имам ученик кој заврши втора година и е упорен да научи да свири на гитара. Тој вежбаше да ја свири „Овде нема правда“ и ми испраќаше аудиозаписи да му кажам дали точно ги исвирил рифовите и солото и каде греши. Eлектротехниката подобро се учи со музика - вели професорот.

Фотографии: приватна архива

Оваа содржина е заштитена со авторски права. Фотографиите се од сопствени извори или платени сервиси. Секоја употреба, копирање, преземање, репродукција или дистрибуција, целосна или делумна, надвор од овие услови или без претходна писмена дозвола од редакцијата, е строго забранета и подлежи на законска одговорност. Бесплатно преземање е можно само со дозвола од редакцијата и со јасно наведен извор и линк до изворниот текст во првата реченица од текстот.
Подготвил: Жанета Здравковска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема