X
 19.10.2019 Живот

Земји во кои е најдобро (и најлошо) да се биде жена

Ниту една земја нема сè остварено кога станува збор за родова еднаквост, но на некои места е подобро да се биде жена. Индексот за жени, мир и безбедност се обидува да ги разбере овие глобални разлики со мерење на вклученоста на жените во општеството, чувството на сигурност и изложеноста на дискриминација - клучни показатели за тоа каде се наоѓаат жените во општествата.

Најновите податоци покажуваат дека некои од најлошите земји за жените направиле напредок.

Мерење на моќност: 11 начини

Три главни категории - вклученост, безбедност и правда се поделени во 11 поткатегории за да се процени моќта на жените низ целиот свет.

Вклученост

Нивото на жените во учество во економски, социјални и политички можности

- Репрезентација во владата - процент на пратенички седишта што припаѓаат на жени;

- Користење на мобилен телефон - Девојките над 15 години кои имаат пристап до мобилен телефон;

- Вработеност - Жените на 25 години и постари кои работат платена работа;

- Финансиски пристап - Користење на банкарски апликации или друг вид на сметка кај жени над 15 години;

- Образование - Просечните години во образовани меѓу жените на над 25 години;

Безбедност

Чувството на безбедност и изложеност на насилство

- Насилство од интимниот партнер - Физичко насилство или сексуален напад во изминатата година од партнерот;

- Безбедност во општеството - Девојките над 15 години кои изјавиле дека се чувствуваат безбедно додека оделе сами навечер;

- Организирано насилство - Смртни случаи предизвикани од вооружени конфликти;

Правда

Искуство во формална и неформална дискриминација

- Дискриминаторски норми - Момчиња над 15 години кои велат дека е неприфатливо жената да работи работа што се плаѓа;

- Пристрасност за син - Раѓање на повеќе момчиња отколку девојчиња;

- Правна дискриминација - Закони што го ограничуваат учеството на жените во општеството или се разликува помеѓу мажите и жените.

Севкупните резултати на нациите

Единаесетте мерки се комбинирани за да се добие севкупниот резултат на секоја нација. Разликите меѓу земјите може да биде широка, но ниту една земја не постигна совршен пласман или 0 поени.
1





Индекс на рангирање на жените, мирот и безбедноста



И нашата земја се најде на листата на 37. место. Македонија има добри резултати кога станува збор за користење на мобилен телефон, финансиски пристап, организирано насилство, дискриминаторски норми и пристрасност за син, меѓутоа лоши резултати во полето на вработување и безбедност во заедницата.

1

Бројките во реалноста

Кога избегала од својот дом во Пакистан минатото лето, Гулалаи Исмаил не размислувала за моќта на податоците. Таа побегнала во Њујорк, каде што барала азил од она што го опишува како смртни закани, закани за силување, закани со напад на киселина, закани за насилство, што произлегувале од нејзиниот активизам за жените во племенските области на Пакистан.

Таа раскажува за една од жените во нејзината држава што ѝ останала на ум.

- Имаше мало парче хартија со 25 прави линии - се сеќава Исмаил. Секоја линија го обележувала секој пат кога безбедносните сили доаѓале во нејзиниот дом и сексуално ја малтретирале.

- Рече дека била необразована, но и покрај неписменоста, таа успеала да го документира нејзиното малтретирање - раскажува Исмаил.

- Е тоа се податоци - додава таа.

Способноста за следење информации, нивно собирање, достапност на податоците - има моќ. Моќ да усрами, да потенцира успех, да се поттикне медиумска покриеност и да се посочи каде е потребна промена.

За да се приклучи во напорите да се изградат доказите, „Нешнл џиографик“ се здружи со Институтот за жени, мир и безбедност во Џорџтаун и Институтот за истражување на мирот во Осло за да го илустрира Индексот за жени, мир и безбедност за 2019-2020 година.

Индексот служи како еден вид извештај за благосостојбата на жените, рангирајќи 167 земји од најдобри кон најлоши во три клучни области: вклученост на жените во општеството, чувството на безбедност и пристап до правда.

Овие три области се поделени во специфични категории, на пример, дали жената има пристап до мобилен телефон, дали се чувствува безбедно дома навечер или е опкружена со мажи кои сметаат дека не смее да работи. Секоја земја има мешани резултати.

Креаторите на индексот сметаат дека безбедноста е еден начин да се покаже колку значајни треба да им бидат на лидерите правата на жените. Жените во земјите во конфликт се соочуваат со зголемен ризик.

Според графиконот, земјата претставена со црвено значи дека назадува во рангирањето. Оние што се подобруваат се појавуваат со сино.

Без разлика каде се рангира на листата една земја, постојат изненадувања.

- Моделот на нееднаквост ги категоризира сите земји - вели Џени Клугман, управен директор на Институтот во Џорџтаун и главен автор на индексот.

- На пример, Авганистан има релативно добри резултати во однос на политичкото учество на жените - додава тој.

И Јемен, кој се наоѓа на дното на листата, има релативно ниско ниво на насилство од страна на интимниот партнер и пренатална сексуална определба (пристрасност за син) и абортуси, што може да резултира со повеќе момчиња отколку девојчиња во земјата.

- Пристрасноста за син е во основа абортус поврзан со полот на бебето. Но, потребна е технологија за да се знае полот - вели Клугман.

Среден ранг на листата има Венецуела, која се најде на 84. место. Норвешка е на првото место, надминувајќи го Исланд, кој по изборите се соочи со загуба на жени во парламентот. Доколку Венецуела се мереше само според вклученоста и правдата, таа би се нашла на 40. место, близу Сингапур. Она што ја става на пониско место е категоријата безбедност во заедницата - дали жените над 15 години се чувствуваат безбедно дома навечер.

- Кога младите луѓе сакаат да се дружат, одат во нечиј дом и сите спијат таму. Ако си заминете кога ќе падне мрак, вашиот живот е во опасност. Можете да бидете ограбена, нападната или силувана - вели Беатриз Борџес, активист за жени и човекови права во Венецуела.

Спиењето во домовите на пријателот е еден вид „културна превенција“ за избегнување на насилството.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот