Вселенскиот телескоп „Џејмс Веб“ обезбеди револуционерен увид во нов тип егзопланети, кои значително се разликуваат од оние во нашиот Сончев Систем. Навлегувајќи низ густите слоеви на облаци, научниците го анализираа составот на атмосферата на планетата „GJ 1214 b“, оддалечена само 48 светлосни години, во правец на соѕвездието Змијоносец.
Наместо да откријат планета богата со водород или воден свет, истражувачите идентификуваа концентрации на јаглерод диоксид (CO2), слични на густите атмосфери на Венера. Ова откритие ги оспорува постојните класификации на планетите и ги проширува границите на разбирање на процесот на формирање на планетарните системи.
Потврдено е дека повеќе од 5.500 егзопланети орбитираат околу ѕвезди надвор од нашето Сонце, но многу од нив пркосат на едноставна класификација. „GJ 1214 b“ е особено интересна бидејќи нуди можност за детално проучување. Меѓутоа, густите облаци го отежнуваат разбирањето на долните слоеви на атмосферата.
Меѓународен тим на истражувачи, предводен од Еверет Шлавин од Универзитетот во Аризона и Казума Оно од Националната астрономска опсерваторија на Јапонија, го користеше телескопот „Џејмс Веб“ за да навлезе во облаците и да го открие доминантното присуство на јаглеродниот диоксид во атмосферата.
- Сигналот за јаглерод диоксид беше многу слаб, што бараше внимателна статистичка анализа за да се потврдат резултатите. Користејќи теоретски модели, научниците симулираа различни атмосферски сценарија, а резултатите укажаа на „супер Венера“ - планета со атмосфера богата со јаглерод диоксид - објаснува Оно.
Иако е фасцинантно, ова истражување бара дополнителна потврда и дополнителни студии. Научниците истакнуваат дека е важно да се продолжи со испитување на оваа мистериозна категорија на егзопланети, со цел подобро да се разберат процесите кои ја обликуваат атмосферата и карактеристиките на вонземните светови.
Извор: benchmark.rs
Фото: Freepik