X
 20.01.2026 Живот

По примерот на Австралија и овие земји размислуваат за забрана на социјалните мрежи за младите

По Австралија, уште две европски држави, Франција и Велика Британија, разгледуваат можност за воведување забрана на социјалните мрежи за деца и дел од тинејџерите.

Заговорниците на ваквите мерки предупредуваат дека поради сè полошото ментално здравје кај младите, потребна е итна реакција. Критичарите, пак, тврдат дека доказите за штетното влијание на социјалните мрежи не се доволно цврсти и дека е потребен поинаков пристап.

Австралија минатиот месец стана првата земја што им забрани на младите под 16 години да користат исклучително популарни и профитабилни платформи како „Инстаграм“, „Фејсбук“, „Тик-ток“ и „Јутјуб“.

Во Франција во моментов се разгледуваат слични мерки за деца под 15 години, вклучително и иницијативата што јавно ја поддржува претседателот Емануел Макрон.

Британскиот премиер Кир Стармер во понеделникот изјави дека е неопходно да се направи повеќе за заштита на децата на социјалните мрежи, по скандалот поврзан со „Грок АИ“ - чет-бот кој генерирал сексуализирани слики без согласност.

- Мораме да направиме повеќе за да ги заштитиме децата и затоа разгледуваме низа опции. Ниту една опција не е исклучена - изјави Стармер.

Велика Британија веќе донесе нов закон со кој станува нелегално создавањето и споделувањето сексуализирани слики без согласност.

Што велат истражувањата?


Еден од клучните спорови е колку точно социјалните мрежи влијаат врз менталното здравје на младите.

Истражувачот Мајкл Нотел од Универзитетот во Квинсленд вели дека малите ефекти се акумулираат кај милијарди корисници и дека постојат многу докази дека социјалните мрежи им штетат на младите.

Француската агенција за здравствен надзор АНСЕС минатата недела заклучи дека социјалните мрежи имаат низа негативни ефекти врз адолесцентите, особено врз девојчињата, иако не се единствената причина за влошувањето на менталното здравје.

Умереност наместо целосна забрана


Нотел минатата година предводеше истражување објавено во списанието „Сајколоџикал булетин“, кое анализирало повеќе од сто истражувања за влијанието на екраните врз психолошките и емоционалните проблеми кај децата и адолесцентите. Заклучокот е дека прекумерното користење на екраните е поврзано со ментални проблеми, кои пак ги тераат младите уште повеќе да бидат пред екраните.

Други научници се скептични кон целосна забрана. Бен Синг од Универзитетот во Аделаида три години следел над 100.000 млади Австралијци во истражување објавено во „ЏАМА педијатрикс“.

Резултатите покажале дека најмногу ментални проблеми имаат оние што користат социјални мрежи повеќе од два часа дневно или воопшто не ги користат. Најдобро поминале младите со умерена употреба.

„Неверојатно токсични“


Францускиот психијатар Серж Тисерон предупредува дека социјалните мрежи се „неверојатно токсични“, но стравува дека технолошки вештите тинејџери лесно би ја заобиколиле забраната, а родителите би биле ослободени од одговорност.

Тој повикува на поблаги мерки и предлага да се почекаат резултатите од австралискиот експеримент.

Ејми Орбен, научник од Универзитетот во Кембриџ, вели дека во рок од една година ќе се знае многу повеќе дали забраната била ефикасна и дали предизвикала несакани последици. Во меѓувреме, австралиската агенција за безбедност на интернетот соопшти дека технолошките гиганти веќе избришале 4,7 милиони кориснички профили на лица помлади од 16 години.

Извор: N1info.hr
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот