X
 20.03.2025 Наука

Колку време ќе им биде потребно на астронаутите на НАСА за да закрепнат по девет месеци во вселената?

Откако поминаа девет месеци во микрогравитација на Меѓународната вселенска станица, астронаутите на НАСА, Суни Вилијамс и Бери-Буч Вилмор, се соочуваат со нов предизвик - враќање на нормалниот живот на Земјата.

- Во нивните тела се случуваат големи промени. Имунолошкиот систем реагира на стресот од вселенското патување - објаснува д-р Кристофер Мејсон, професор на Медицинскиот факултет „Вајл Корнел“ и главен истражувач на НАСА во познатото истражување „Студија за близнаци“. Оваа студија го анализираше влијанието на една година помината во вселената врз телото на астронаутот Скот Кели, споредувајќи го со неговиот брат близнак Марк Кели, кој останал на Земјата.

Според д-р Мејсон, кај астронаутите во вселената често се забележуваат промени во генската експресија, како и издолжување на теломерите, заштитни структури на краевите на хромозомите. Иако ваквите промени се привремени, процесот на адаптација по враќањето на Земјата не е едноставен.

Вилијамс и Вилмор беа испратени во вселената со „Боинг старлајнер“, а првично планираната мисија требало да трае само една недела. Меѓутоа, поради технички проблеми, леталото се врати празно, оставајќи ги астронаутите во вселената цели девет месеци.

- По престојот во микрогравитацијата, астронаутите обично стануваат повисоки и послаби, но најголемите промени се случуваат во првите неколку дена по враќањето - вели д-р Мејсон.

Поранешниот астронаут Хозе М. Ернандез, кој помина 14 дена во вселената, објаснува дека враќањето на Земјата носи голем физички предизвик.

- Првите зборови што ги изговорив по слетувањето беа: „Гравитацијата е ужасна“. Вашето тело се навикнува на бестежинската состојба, па кога ќе се вратите, ви треба време да се навикнете на гравитацијата - вели Ернандез.

Тој додава дека астронаутите ќе имаат потреба од неколку месеци физикална терапија за да ја вратат силата на коските и мускулите. Иако телото со текот на времето се приспособува, првите неколку дена ќе бидат тешки за Вилијамс и Вилмор.

Извор: Foxnews.com
Фото: NASA
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука