X
 20.04.2022 Живот

Жителите на Јужна Кореја наскоро би можеле да станат една година помлади

Во Јужна Кореја кога ќе се роди дете, веќе се смета дека има една година. На Нова година сите се постари за една година.

Овој метод за сметање на годините може наскоро да се смени затоа што новоодбраниот претседател Јун Сук-јеол го бара тоа. Ли Јонг-хо, шеф на комитетот на претседателот, изјавил дека новата администрација сака да го стандардизира начинот на кој се смета возраста на жителите за да одговара на остатокот од светот. Тој додал дека различните пресметки предизвикуваат забуни и непотребни општествени и економски трошоци.

Во моментов во земјата има три начини за сметање на возраста. Во легалните документи се користи меѓународниот систем со користење на денот на раѓање на лицето.


Фото: Pixabay

Но во земјата има уште еден официјален начин кој најчесто се користи за одредување на легалната возраст во закони кои влијаат врз голем дел од населението, како возраста за служење воен рок. Според овој метод, жителите добиваат една година на почетокот на секоја година, со тоа што новороденчињата имаат 0 години и полнат една година на 1 јануари.

Конечно, има и трет метод според кој секој автоматски има една година кога се раѓа и потоа станува една година постар на секоја Нова година, без разлика на датумот на раѓање. Се смета дека овој метод има потекло во Кина, но сега се користи само во Јужна Кореја.

Овие методи имаат голем ефект врз жителите. На пример, некои родители прават измами затоа што се загрижени дека нивните бебиња родени во декември може да заостануваат на училиште и подоцна во животот.

Извор: BBC
Насловна фотографија: Pixabay
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот