X
 20.06.2025 Образование

Гласови што градат бои и светови – од збор до промена

Дека ораторството не е само вештина, туку и патека за личен развој и професионален раст потврдуваат автентичните искуства на студентките Ана Анастасова од Педагошкиот факултет во Битола и Теодора Христовска од Економскиот факултет во Прилеп.

Нивните споделени мислења истовремено ја нагласуваат и клучната улога на менторството, важна поддршка добиена од професорката од Педагошкиот факултет, Билјана Граматковски, што им помогна да се надмине стравот - да се слушне гласот на младите и да се почитува моќта на зборот.

За својот прв личен чекор, Ана Анастасова од Педагошкиот факултет – Битола вели:

- Годинава за првпат настапив во улога на ораторка, иако уште во основно училиште имав прилика за тоа. Токму сега бил вистинскиот момент првпат да настапам како говорник, и тоа на УКЛО Тривиумот. Искуството беше одлично. Иако на почетокот не бев сигурна во себе, со текот на подготвувањето сфатив дека говорењето е мој повик и вештина која треба да ја надоградувам кај себе. Како за прво искуство, бев уплашена дали ќе ја извршам достојно задачата, но кога застанав зад говорницата, добив неочекувана сила во гласот и желба да го остакнам она што сметам дека е важно. Оратортсвото за мене претставува средство со чија помош можам јасно да се изразам и да го пренесам на пошироката публика она што кај мене буди некакви емоции, а се однесува на општеството. Поедноставно кажано, спој на естетиката и социологијата. Дефинитивно ќе продолжам да ја развивам умешноста на говорењето кај себе, да настапувам и со тоа, своите ставови да ги истакнувам јавно. Мој успех ќе биде, ако со мојот говор, допрам до барем една личност од аудиториумот.

1

Покрај лична трансформација преку ораторството, за јавното говорење, силата на говорот и моќта од заедништвото говори и студентката од Економскиот факултет во Прилеп, Теодора Христовска, која исто така смета дека вклучување во вакви настани треба да биде повеќе од натпревар:

- Студент сум на Економскиот Факултет во Прилеп, на насоката сметководство и ревизија и со гордост би сакала да го споделам моето незаборавно искуство од учеството на ораторскиот натпревар. Морам да признаам дека за мене ораторството беше вистинско излегување од комфорната зона. Благодарение на УКЛО Тривиум открив нешто ново за себе - љубовта кон говорот пред публика. Натпреварот ми помогна да се стекнам со самодоверба, комуникациски вештини и нова перспектива за мојот личен и професионален развој. Ораторството, според мене, е дисциплина што бара посветеност, култура во говорот и способност преку збор да се пренесе емоција. Верувам дека вештината да се зборува од срце, но и со одговорност е нешто што секој студент треба да го развива. Затоа ги охрабрувам и студентите и професорите активно да се вклучуваат во воннаставните активности бидејќи тие искуства создаваат вредни спомени што ќе се паметат долго по завршувањето на студиите. Искрена благодарност упатувам до проф. д-р Билјана Граматковски од Педагошкиот факултет во Битола, чија неизмерна поддршка и насочување ме мотивираа да излезам пред публиката гласно, со страст и самодоверба. Единствено оние студенти кои ја препознаваат важноста на ваквите искуства и храбро се соочуваат со предизвикот се тие што навистина растат и како личности и како идни професионалци.

2

Двете пренесени искуства на УКЛО се доживуваат како своевидна метафора на патување што започнува со збор и води кон акција и силно се надополнуваат со зрелата перспектива на менторката, смета проф. д-р Билјана Граматковски:

- На УКЛО Тривиумот како менторка учествувам од 2016 година, значи полни 9 години. Солидна бројка, нели? Да бидеш менторка на студенти кои се „пресметуваат со себеси“ кога јавно говорат подразбира повеќе нешта одеднаш, но најмногу подразбира волја, доблест, препознавање скриени потенцијали, таленти, надарености. Подготовката е издржување на маратон полн со пречки, вистински и достоинствено, докрај. Иако светот е насочен кон инстантни решенија, ораторството е емоција, себепознавање и постојана работа на себе. Ораторот треба да биде едуциран, елоквентен, луциден, да ја познава материјата и постојано да учи, да мотивира, да повикува на сопствена, но и на колективна акција. Да внесува живост, актуелност и, се разбира, добар вкус. Да ја почитува стандарнојазичната норма, да ја почитува точно определената временска рамка преку сопствената уверливост, динамичност и говорна привлечност. Ни малку лесна, ни едноставна задача. За среќа, ја имав извонредната можност да соработувам со две исклучителни студентки, Ана Анастасова и Теодора Христовска, кои имаа силна волја и компетенција да одат спроти ветрот. Сѐ уште со радост се сеќавам дека во дозволените четири минути, нивната кондиција не опадна, а „гардот“ остана неразнишан. Си посакувам такви студенти во иднина, кои без задршки ќе покажат дека талентот не е само производ на човековата еволуција, туку е резултат на напорната работа и вложување.

3

Што да се рече по вака искажани импресии?

Очигледно е дека во светот во кој живееме искуствата од вклучување на студентите, нивно поврзување со менторот претставува и поврзување со Универзитетот и со заедницата. Тривиумот како настан е дел од вредностите на Алијансата КОЛОРС на која припаѓа УКЛО и нејзината поширока платформа - да се охрабруваат студентите да бидат авангардни, гласни, слушнати, да бидат автентични и солидарни и на тој пат што почнува со мисла и глас се чекори смело за да се стигне до слушателот. Само со јасно искажан збор, став, мислење со знаење и критичко мислење, зборувајќи, младите луѓе може да бидат активни, да дејствуваат – од збор до промена!

(Комерцијална објава)

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование