X
 20.07.2018 Образование

Големи реформи во државната матура – годинава вкупната просечна оценка е 3,42

Ова се просечните оценки од годинашната државна матура по предмети

Големи реформи во полагањето на државната матура почнуваат од септември и голема е веројатноста да се применуваат од крајот на наредната учебна година, најави новата директорка на Државниот испитен центар (ДИЦ), Лидија Ѓошевска. Просечната оценка од полагањето на државната матура е 3,42, за нијанса е подобра од претходната година и министерот за образование и наука Арбер Адеми е задоволен бидејќи, како што вели, оценката е реална.


Министерот Арбер Адеми и директорката на ДИЦ, Лидија Ѓошевска

Во Министерството за образование и наука беа соопштени резултатите од полагањето на трите екстерни испити од 2 до 21 јуни, кое годинава се спроведе по 11. пат. Министерот Адеми своето исцрпно излагање прво го соопшти на албански, а потоа на македонски јазик. Според извештајот на ДИЦ, годинава државна матура полагале вкупно 14.969 средношколци, од кои на 10.122 мајчин им е македонскиот јазик, на 4.474 – албанскиот, а на 373 – турскиот јазик.

- Во споредба со лани, кога вкупната просечна оценка од државната матура била 3,39, годинава имаме мало зголемување. Можеби е незначајна разлика, но е позитивен индикатор кој покажува дека покрај сите предизвици, квалитетот на образованието се подобрува – рече Адеми.

На прашањето како го коментира успехот од 3,42, со оглед на тоа што станува збор за средошколците што ќе се запишат на факултет, тој одговори:
- Не може сите да имаат одличен успех. Има поединци што имаат одлични резултати. Ова е една просечна бројка која е реална. Неопходни ни се реални состојби за да можеме да ги спроведеме сите реформи што ни претстојат во градењето квалитетен образовен систем – рече Адеми.

Од вкупниот број, државна матура не положиле 2.512 ученици. Тие ќе имаат шанса да преполагаат на 12, 13 и на 14 август. Четвртокот беше последен ден за приговори, во ДИЦ биле поднесени вкупно 480, а биле прифатени 130. На прашањето дали има можност да се намали цената од 1.500 денари за приговор, Ѓошевска рече:
- ДИЦ во соработка со МОН подготвува сериозни реформи во државната матура. Ќе има целосни обуки и за наставниот кадар и за учениците. Ќе биде земена предвид и цената на приговорите – ќе формираме реална цена – најави таа.



Цената на приговор во некои години била и повисока (2.000 денари) и пониска (1.200 денари). На учениците чии приговори се прифатени им се враќа уплатената сума.

На прашањето за жалбите по предметот биологија, дека имало прашања кои воопшто не биле во учебниците, Ѓошевска објасни:
- Планираме списоци на учебници од кои ќе бидат преземени прашањата. Имаше и многу коментари околу предметот англиски јазик. Вкупната оценка годинава е помала бидејќи имаше случаи на многу тестови со исти одговори. Некои од есеите биле преземани од интернет. Тие тестови добиваат нула поени – рече таа.

Ова се просечните оценки од годинашната државна матура по предмети:

- македонски јазик и литература – 3,66
- албански јазик и литература – 3,81
- турски јазик и литература – 4,18
- математика – 3,37
- англиски јазик – 2,91
- француски јазик – 3,82
- германски јазик – 3,99
- руски јазик – 3,21
- филозофија – 3,78
- естетика – 3,58
- хемија – 3,98
- биологија – 3,79
- физика – 3,96
- историја – 3,21


Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование