X
 20.08.2018 Живот

Милиони Венецуелци бегаат од земјата, а оние што останаа јадат од канти за ѓубре

Жителите на Венецуела што бегаат од немаштијата и гладот наидоа на нова препрека во обидот за бегство во соседните земји откако овој викенд Еквадор реши да им го отежни масовното влегување во земјата.

Според новите правила, нема веќе влез во земјата за оние што немаат пасош, а такви има многу меѓу економските бегалци од Венецуела, земјата со највисока инфлација во светот.

Досега во Еквадор влегуваа со лична карта од Колумбија, каде што, според официјалните податоци, во текот на последните 15 месеци пребегале повеќе од милион. А на еквадорските гранични премини секој ден пристигнуваат по околу 4.000 Венецуелци. Поради тој потег, Еквадор упати протест до Колумбија, каде што во шатори и во нечовечки услови илјадници гладни луѓе чекаат да ја преминат границата.

Еден од нив е 50-годишниот Габриел Малаволта, кој е на границата со свршеницата која нема пасош.

- Нема да ја пуштам да се врати сама и да гладува. Немате поим како е во Венецуела. Цели фамилии јадат од канти за ѓубре - вели тој.

Венецуелците се жалат дека сега ќе се отежни напуштањето на земјата.

- Ова е тажно. Многу жители на Венецуела се обидуваат да ја напуштат земјата, а сега нема да можат - истакнува друг емигрант по име Регуло Гуаита.

Масовниот егзодус во Венецуела создава големи тензии меѓу соседните земји. Овој викенд имаше инцидент со венецуелски бегалци во Бразил кога локалното население во пограничниот град Пакараима ги нападна бегалците поради грабеж на еден ресторан. Имигрантите се протерани преку граница, а нивните шатори и работи се запалени. Бесното локално население го блокира блискиот граничен премин за да спречи нови лица да влезат.

Поради сѐ поголемата тензија и притисокот од имигрантите од Венецуела, реагираше и Перу, објавувајќи дека од крајот на август исто така нема да прима венецуелски мигранти во земјата. Бразил поради слични проблеми на почетокот на месецот привремено ја затвори границата за државјаните на Венецуела. Во пограничните региони повеќе пати избиваше насилство поради тешките услови во кои живеат пребеганите од Венецуела.

Венецуела со години трпи голема инфлација и се бори со недостиг на храна, лекови и основни продукти. Според известувањата од таа земја, многу луѓе се буквално гладни и затоа одлучуваат да ја напуштат земјата барајќи нормално место за живот.

Претседателот Николас Мадуро минатата недела нареди девалвација на националната валута - боливарот - од 96 отсто, односно нејзино врзување за нафтената криптовалута петро, која ја измисли неговата влада за да ја спаси економијата.

- Сакам земјата да закрепне, а постои само еден начин. Верувајте ми - рече Мадуро во обраќањето до нацијата.

Сепак, економските експерти изразија сомнеж дека земјата со празна каса, која е под американски санкции и не може да им ги отплати долговите на своите доверители, би можела да успее да исплива од хаосот во кој се наоѓа.

Мадуро најави и дека ќе ја зголеми минималната плата за 3.000 отсто, ќе ги зголеми даноците на корпорациите и ќе ја зголеми цената на субвенционирањето на горивото во следните неколку недели.

Експертите за криптовалути се скептични околу криптовалутата како финансиски инструмент. Нагласуваат дека не е јасен начинот на нејзиното функционирање и дека американските санкции спречуваат пристап до таа валута.

Американскиот претседател Доналд Трамп во март потпиша извршна наредба со која се забранува каква било американска трансакција во која е вклучена венецуелската криптовалута, а американските службеници за валутата рекоа дека е измама.

Топ-10 држави според резерви на нафта
Фото: Novac

Иако Венецуела е прва во светот кога станува збор за резерви на нафта, голем број сиромашни граѓани, кои живеат со неколку долари месечно, едвај се прехрануваат. Но, Мадуро има нов план. Во петокот тој објави дека едно петро ќе вреди 60 долари, а дека минималната плата ќе изнесува половина петро.

- Тие ги доларизираа нашите цени, а ние ќе ги петроизираме. Ќе го претвориме петрото во референција која ќе ги одредува сите движења на економијата - рече Мадуро, кој неодамна преживеа обид за атентат со дрон, за кој странските коментатори велат дека веројатно бил лажиран.

За тоа колку хиперинфлацијата ја нагриза Венецуела, најдобро покажуваат цените во таа држава. Така, килограм месо чини дури 9.500.000 боливари, пакет пелени чини 8.000.000, половина килограм маргарин чини 3.000.000, килограм најевтино сирење чини 7.500.000 боливари, а пиле од два и пол килограми чини 14.600.000 боливари. Еден милион боливари имаат вредност на четири американски долари.

Западните медиуми и со фотографии илустрираа колкав куп боливари се потребни за да се купи одреден производ во Венецуела. Погледнете ги фотографиите.

Фото: Daily Mail

Фото: Daily Mail

Фото: Daily Mail

Фото: Daily Mail
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот