X
 20.08.2025 Живот

Во Шведска преселија цела црква на нова локација

Црква стара 113 години, која е во опасност да се сруши поради тонење на земјиштето, беше преместена на нова локација во град на крајниот север на Шведска.

Историската дрвена градба во градот Кируна, изградена во 1912 година, беше поставена на гигантски подвижни платформи. Преселувањето од едниот до другиот крај на градот траеше два дена.

Стариот центар на градот е загрозен поради пукнатини во земјата предизвикани од повеќе од еден век ископувања на железна руда.

Преселувањето на црквата е најспектакуларниот и симболички најзначаен момент од преселувањето на зградите во Кируна, кој се наоѓа 145 километри северно од Арктичкиот круг.

Со благослов на локалните свештеници започна двoдневното патување на црквата низ улиците на градот. Откако краткиот верски обред заврши, се вклучија тркалата што ја носеа црквата и масивната дрвена градба полека започна да се движи. Во првиот час успеа да помине само 30 метри.

Голем број луѓе се собраа по улиците под ведро сино небо, набљудувајќи ја дрвената конструкција како се тркала. Властите поставија ограда околу тротоарите, но зградата минуваше толку близу што многумина рекоа дека им се чинело како да можат скоро да ја допрат.

Други згради во Кируна веќе се преместувани на посигурно тло. Повеќето беа срушени и обновени, но некои знаменитости беа преместени без воопшто да им се случи нешто. Меѓу нив се згради во Хјалмар Лундбохмсгарден, три стари дрвени куќи, како и куќата на шефот на рудникот Хјалмар Лундбом, која е поделена на три дела.

Според шведскиот закон, рударските активности под зградите се забранети.

- Не постои ризик пукнатините во земјата да го загрозат населението, но можат да ги оштетат водоводните цевки, електричната инсталација и канализацијата. Луѓето мора да се преселат пред инфраструктурата да откаже - вели Роберт Илитало, главен извршен директор на компанијата за развој на Кируна.

Компанијата за железна руда, „ЛКАБ“, најголемиот работодавец во Кируна, ги покрива трошоците за преселување, проценети на повеќе од милијарда долари.

 

Црквата во Кируна е висока 35 метри, широка 40 метри и тешка 672 тони. Беше прогласена за најубава градба во Шведска изработена пред 1950 година. Преселувањето на толку голема зграда е необичен подвиг. Но, наместо да ја расклопуваат, инженерите ја преместуваа како целина, поддржана со челични греди и носена од транспортери.

- Најголемиот предизвик беше подготовката на патот за да помине толку широка зграда. Го проширивме патот и притоа отстранивме столбови за улично осветлување, семафори и мост - вели раководителот на проектот.

Меѓу најделикатните аспекти на преселувањето е заштитата на внатрешните богатства на црквата, особено големата олтарска слика направена од принцот Еуген, член на шведското кралско семејство.

Преселувањето е многу повеќе од инженерско чудо за локалните жители. Тоа е длабоко емотивен момент.

Шведската телевизија директно го пренесуваше преселувањето на црквата, означувајќи реток момент кога историјата не само што доживува промена, туку буквално се движи со неа.

Извор: ВВС
Фото: Screenshot/YouTube
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот