„Научникот одговара на прашања кои веќе постојат, со што го проширува човековото знаење, инженерот, пак, ги користи тие знаења за да креира решенија и да гради иднина“, вели Гзим Дервиши од Факултетот за применети науки на Државниот универзитет во Тетово по добивањето на наградата „Инженерски прстен“.
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова им додели „Инженерски прстен“ на 14 најуспешни дипломци на инженерски факултети во рамките на универзитетите: „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, „Св. Климент Охридски“ во Битола, „Гоце Делчев“ во Штип и Државниот универзитет во Тетово.
- За мене, „Инженерскиот прстен“ претставува едно големо признание кое го крунисува моето студентско патување. Тоа не е само награда за годините труд и учење, туку и одговорност за иднината.
Прстенот покажува дека од овој момент јас не се претставувам само себеси, туку и професијата и довербата што луѓето ја имаат во еден инженер - ги сподели првите импресии Гзим Дервиши по добивањето на признанието.
Гзим имал многу предизвици на факултетот, но и вредни лекции кои го изградиле како личност и како професионалец. Најмногу му оставила впечаток соработката со професорите и колегите, како и моментите кога теоријата добивала смисла преку практиката.
- Во мојата област теоријата е основата – таа ги дава принципите, пресметките и разбирањето на процесите. Практиката, пак, е местото каде што тие знаења оживуваат и стануваат конкретни решенија. Двете се неразделни: без теорија, практиката нема цврсти темели; без практика, теоријата останува само на хартија. Верувам дека рамнотежата меѓу двете е она што го прави еден инженер целосен - вели Дервиши.
За време на студиите тој работел на неколку истражувачки проекти во областа на сеизмиката.
- Овие искуства ми помогнаа да разберам како да ја применам теоријата при анализа на конструкции под сеизмички оптоварувања и колку е важно користењето точни и стандардизирани методи во секој проект - сподели Гзим.
Тој во моментов работи во проектантската компанија “Megaplan Projektim”, каде што се занимава со статички пресметки на објекти и нивна анализа под сеизмички оптоварувања. За секој проект ја користи својата експертиза за да се осигури дека конструкциите се безбедни и стабилни.
- Еден научник има цел да ги разбере законите на природата и да одговори на прашања кои веќе постојат, со што го проширува човечкото знаење. Еден инженер, пак, ги користи тие знаења за да креира конкретни решенија и да гради иднина – објекти, системи и проекти кои директно влијаат врз животот на луѓето. Додека научникот го истражува светот, инженерот го гради“, вели тој.
Гзим смета дека еден млад инженер може да ја гради својата иднина во Македонија ако се ангажира и работи на квалитетни проекти. Постојат предизвици и понекогаш има и иселување од земјата, но потенцира дека можностите за развој и напредок постојат и треба да се искористат.
Дервиши сака да работи на проекти кои бараат комплексни инженерски решенија во областа на сеизмиката и статиката и токму во овие области се гледа и во иднина.
- Во иднина би сакал да работам на проекти кои бараат комплексни инженерски решенија и кои вклучуваат длабоки сеизмички анализи. Ме привлекува можноста да дизајнирам конструкции кои се безбедни, ефикасни и одржливи, користејќи модерни и иновативни методи. Исто така, сакам да придонесам во проекти кои имаат директно влијание врз подобрување на безбедноста и квалитетот на градежништвото во нашата земја. Во блиска иднина се гледам како стекнувам повеќе искуство и се развивам како инженер. По една деценија сакам да бидам признат професионалец во областа на сеизмиката и статичките пресметки, водечки важни проекти и придонесувајќи за создавање безбедни и одржливи конструкции во нашата земја - заклучи Гзим.
Фото: приватна архива