„Инженерскиот прстен е и обврска – потсетник дека секој инженер има задача не само да создава, туку да гради со интегритет, одговорност и свест за заедницата. Со себе носи и повик дека со знаење и посветеност можеме да го обликуваме светот и да ги поместиме границите на можното“, вели Димитар Пешевски од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство во Скопје по добивањето на наградата „Инженерски прстен“.
- За мене, „Инженерскиот прстен“ не е само признание, туку особена чест и силна потврда на сиот вложен труд, страст кон знаењето и дисциплина. Тој е сведоштво дека љубопитноста, упорноста и силната волја може да нѐ однесат подалеку отколку некогаш сме замислувале. Сепак, „Инженерскиот прстен“ не го гледам само како награда за тоа што изминало, туку како стремеж за иднината. Тој нѐ потсетува дека секој успех не е крајна цел, туку нов почеток. Неговото значење не завршува тука. Инженерскиот прстен е и обврска – потсетник дека секој инженер има задача не само да создава, туку да гради со интегритет, одговорност и свест за заедницата. Со себе носи и повик дека со знаење и посветеност можеме да го обликуваме светот и да ги поместиме границите на можното. Со тоа, „Инженерскиот прстен“ станува и признание и ветување – признание за она што е постигнато и ветување за сѐ што допрва претстои - вели Димитар.
Периодот на студирање на ФИНКИ му бил исполнет со многу предизвици, напорно учење и постојано надминување на сопствените граници, но истовремено и со тимска работа, создавање пријателства и градење односи со луѓе кои ги споделувале истите соништа и стремежи како него.
- Најголем впечаток ми остави визионерскиот дух кој ја одликуваше целата академска заедница на ФИНКИ – од професорите кои секогаш нѐ поттикнуваа да размислуваме пошироко и подлабоко, па сѐ до студентите кои со својот ентузијазам и амбиции создаваа средина во која се раѓаа и реализира нови и иновативни идеи.
Од нив ја научив највредната лекција – за секоја визија да прерасне во реалност, не се доволни само талент и знаење, туку потребни се упорност, волја, труд и искрена соработка. Во текот на студиите совршенството не ми беше цел само по себе, ниту пак просекот на оценките. Тие дојдоа природно како последица на трудот што го вложив, како и на стремежот да се изградам и остварам како инженер. Студиите не ми донесоа само академска титула, туку и зрелост, искуство и уверување дека знаењето кога е поткрепено со истрајност и посветеност може да биде двигател на секое лично остварување - го споделува своето искуство Пешевски.
За време на студиите Димитар активно учествувал во научноистражувачки проекти, особено во трета и четврта година. Еден од проектите на кои работел бил во областа на науката за податоци каде што извршиле анализа и развиле модел за предвидување на цените на храната.
- Резултатите од ова истражување беа систематизирани и презентирани преку два научни труда објавени на меѓународна конференција во Италија, што претставуваше важно признание за нашата работа. Исто така, би го издвоил и проектот од областа на паралелното и дистрибуираното процесирање во кој развивме паралелизиран алгоритам за детекција на речиси идентични документи со примена на графички процесори за општа намена. Ова истражување резултира со труд во журнал со фактор на влијание во Словачка.
Дополнително, имав можност да бидам дел и од истражувачки проект реализиран во Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) кој подоцна прерасна во мојот дипломски труд. Во рамките на овој проект беше разработена анализа на економската структура и комплексност преку конструкција на влезно-излезни мрежи на производство, користејќи пристапи од областа на генеративната вештачка интелигенција. Покрај овие, учествував и во многу други истражувања и проектни активности во рамките на повеќе предмети на ФИНКИ, кои ми овозможија да стекнам пошироко искуство во различни дисциплини на информатиката и да ги согледам предизвиците на инженерството од различни перспективи - открива Димитар.
Во моментов е ангажиран како демонстратор на ФИНКИ, каде што неговата работа опфаќа научно-наставни активности. Води аудиториски и лабораториски вежби по повеќе предмети кои главно се концентрираат на науката за податоци, статистиката, вештачката интелигенција и машинското учење.
- Покрај наставниот ангажман, активно сум вклучен во повеќе научноистражувачки проекти, главно поврзани со вештачката интелигенција и нејзината примена во области како медицината и е-трговијата. Особено би го издвоил проектот насочен кон развој на голем јазичен модел за македонскиот јазик. Неговата цел е унапредување на јазичните способности на современите системи за обработка на природен јазик и придонес кон дигитализацијата на македонскиот јазик. Овој проект има потенцијал да остави траен белег врз зачувувањето и афирмацијата на македонскиот јазик во дигиталната ера, што го прави особено значаен и од културолошки и од технолошки аспект. Во рамките на сите проекти постојано соработувам со реномирани професори и истражувачи од различни сфери како од Македонија така и од странство - вели Димитар.
Според него, инженерството е уметност на создавањето, односно постојано пронаоѓање начини како идеите да се претворат во нешто опипливо и корисно.
- Како инженери, од една страна, се потпираме на науката и нејзините неприкосновени принципи, а од друга страна, мораме да осмислиме нешто што уште не постои и да му најдеме пат до реалноста. Сметам дека инженерот не е само изведувач на решенија, туку и архитект на можностите што допрва доаѓаат. Токму во таа рамка ја гледам и својата работа со вештачката интелигенција – технологија што ни овозможува да развиваме системи кои учат, расудуваат и се приспособуваат.
Целта не е да развиеме ВИ што ќе нѐ замени нас, туку ВИ што ќе ни биде партнер, што ќе ни ослободи време за креативност и ќе нѐ поттикне да решаваме поголеми и попредизвикувачки проблеми. Како инженер, ме води идејата да ја искористам оваа нова интелигенција за создавање технологии што не само што го разбираат светот, туку го обликуваат во подобро, поправедно и попаметно место. Тоа е предизвикот и убавината на инженерството денес – да ја претвориме визијата во иднина која ќе биде етичка, одговорна и правична - ги открива своите цели младиот научник од ФИНКИ.
Димитар верува дека млад информатички инженер може да ја гради својата иднина во Македонија и се стреми преку личен пример да го покаже тоа.
- Информатиката како професија нуди многу поволности. Најнапред, ИТ-компаниите сѐ почесто обезбедуваат можности за работа од далечина, флексибилно работно време и современи услови кои овозможуваат баланс помеѓу професионалниот и приватниот живот. Домашната ИТ-индустрија забрзано се развива и нуди услови кои се сѐ поблиску до оние во странство. А дополнителните поволности како работа од далечина и флексибилно работно време овозможуваат младите инженери да работат во странски ИТ-компании, а притоа да останат и да живеат во Македонија - потенцира Димитар.
Тој би сакал да работи или да биде дел од проекти каде што вештачката интелигенција не е само технолошки тренд, туку вистинска промена со значаен придонес за општеството.
- На пример, во медицината тоа би подразбирало развој на системи кои можат да анализираат медицински извештаи, слики, лабораториски примероци и други податоци со точност блиска до човечката, но и да им асистираат на лекарите при поставувањето дијагноза и одредување соодветна терапија.
Во образованието тоа би значело создавање интелигентни платформи поддржани од машинско учење кои ќе го приспособуваат наставниот материјал според индивидуалните потреби на секој ученик, со што ќе се овозможи персонализирано образование.
Во економијата тоа би бил развој на системи кои овозможуваат оптимизација на ресурси, поефикасно управување со производни процеси и давање поддршка при креирањето и спроведувањето на економските политики. Најголемата мотивација за мене е можноста да работам на решенија што имаат директно и позитивно влијание врз луѓето и општеството. Верувам дека технологијата сама по себе нема вредност ако не е ставена во служба на човекот. Особено сакам да работам на проекти кои ќе придонесат за развојот и поширокото усвојување на вештачката интелигенција во Македонија, каде што верувам дека постои огромен потенцијал за трансформација и напредок - вели младиот инженер.
За една деценија, Димитар се гледа како остварен инженер, но и научник кој успеал да ја претвори својата љубопитност, истрајност и ентузијазам во конкретни достигнувања со поширока општествена вредност.
- Мојата цел е да бидам дел од академската заедница како истражувач и професор, но истовремено и како активен учесник во индустријата преку развој на решенија кои ќе имаат директна реална примена и влијание. Се гледам како личност која ќе ги обединува науката и практиката, градејќи мост меѓу истражувачката мисла и технолошката примена.
Се гледам во Македонија, придонесувајќи за нејзиниот технолошки и научен развој, поттикнувајќи култура на иновации и помагајќи во оформување генерации нови инженери и истражувачи. Истовремено, се гледам и во меѓународна средина каде што моите знаења и идеи ќе можат да се натпреваруваат и да се вмрежуваат со другите во светот. Сакам по една деценија да можам да погледнам наназад и да кажам дека сум оставил позитивен белег преку научни трудови, проекти и генерации млади инженери на кои сум им помогнал да го пронајдат својот пат - заклучи Димитар Пешевски од ФИНКИ.
Фото: приватна архива
Оваа содржина е заштитена со авторски права. Фотографиите се од сопствени извори или од платени сервиси. Секоја употреба, копирање, преземање, репродукција или дистрибуција, целосна или делумна, без претходна писмена дозвола од редакцијата, е строго забранета и подлежи на законска одговорност. Бесплатно преземање е можно само на првата третина од текстот, со јасно наведен извор и линк до изворниот текст во првата реченица. Факултети.мк ги почитува професионалните/етичките стандарди, Кодексот на новинарите и Принципите на Меѓународната федерација на новинарите.