Интересот за информатиката кај неа се појавил уште во средношколските денови кога првпат почнала да експериментира со компјутери и програми. Ја понела љубопитноста да разбере како функционираат работите и чувството дека преку технологијата може да создаде нешто ново, практично и корисно. На тој пат, секој нов проблем што ќе се појавел го гледала како можност за учење и креативно решавање.
Бојана Тасева, дипломец на Факултетот по информатика на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, беше дел од 14 завршени студенти на кои претседателката Гордана Сиљановска-Давкова им додели признанија „Инженерски прстен“ за најуспешни студенти во инженерските факултети.
Не учев за титули, туку за знаење
- Го завршив факултетот со просек 9,68. Сите испити ги положив во рок, но сакав да имам дипломска работа со која сум целосно задоволна, па не брзав со завршувањето и се вработив. По една година ја завршив дипломската и официјално дипломирав - вели Тасева.
За подготовка на испитите имала систематски пристап.
- Редовно следев предавања, правев белешки, а потоа за секој испит изработував план за учење со поделба на материјалот по денови. Пресудно беше тоа што никогаш не учев со цел да добијам титула или признание, туку затоа што навистина ми беше важно да го совладам материјалот и да постигнувам убави резултати. Редовното учење, дисциплината и љубопитноста ми овозможија континуитет и стабилен успех низ целото студирање - додава таа.
Бевме ковид-генерација, па ја сфативме силата на заедништвото
За жал, за време на студирањето фати ковид-кризата, па дел од студиите ги минале дома, пред компјутер, со онлајн предавања.
- Иако бевме „ковид-генерација“ и немавме многу можности за активности во живо, учествував како помошник на лего-натпревар, каде што придонесував во организација, координација и решавање практични проблеми. Тоа искуство беше значајно за мене бидејќи ми помогна да развијам тимска работа, креативност и аналитички пристап - вештини кои се директно применливи во информатиката и мојата иднина како софтверски инженер. Дополнително, учествував и на неколку онлајн проекти и натпревари поврзани со програмирање, што ми овозможи да го применам теоретското знаење од факултетот во реални ситуации - вели Тасева.
Еден од најдобрите моменти врежани во нејзиното сеќавање од студентските денови ќе остане враќањето во амфитеатрите по ковид-периодот.
- Иако дел од студентскиот живот го поминавме пред екрани, токму тоа ни помогна да сфатиме колку е важно заедништвото. Кога конечно се вративме да полагаме сите заедно, секое дружење, разговор и заедничка подготовка имаше посебна тежина. Тоа беа моменти во кои не само што учевме, туку и вистински ја почувствувавме силата на пријателството и колективниот дух - посочува Бојана.
Со информатика лесно се наоѓа работа, а се работи и од дома
Вели дека студирањето на Факултетот по информатика има многу предности - лесно се наоѓа работа, постои можност за работа од дома или од кое било место во светот, а стекнатите знаења имаат примена во секојдневието. Слабостите се во тоа што технологијата постојано се развива и мора континуирано да се учи.
- Можеби денес изгледа дека вештачката интелигенција може да биде закана, но јас верувам дека тоа не значи дека ќе останеме без работа - напротив, ВИ треба да ни биде дополнителна алатка за поефикасно работење - вели таа.
Веднаш по завршувањето на факултетот се вработила и веќе две години работи како софтверски инженер. Сепак, има голема желба да продолжи со постдипломски студии, иако сè уште размислува во која држава и на која програма би било најдобро да се насочи.
- Сè уште сум на почетокот од кариерата, па постојано учам нови технологии и методологии. Би сакала да испробам повеќе области во информатиката додека не го најдам она што најмногу ми одговара и каде што би можела да придонесам со сопствени идеи и унапредување - вели Бојана.
Фото: приватна архива