X
 26.09.2025 Наша тема

„Се гледам како инженер кој ја користи креативноста за да создава простори што го подобруваат животот на луѓето“, вели Сара Панева, добитничка на „Инженерски прстен“

„Инженерскиот прстен е круна на моето досегашно образование и еден вид печат на сите години труд, истрајност и љубов кон професијата“, вели Сара Панева од Факултетот за природни и технички науки на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип по добивањето на наградата „Инженерски прстен“.

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова им додели „Инженерски прстен “на 14 најуспешни студенти, дипломци на инженерски факултети во рамките на универзитетите: „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, „Св. Климент Охридски“ во Битола, „Гоце Делчев“ во Штип и Државниот универзитет во Тетово.

- Инженерскиот прстен симболизира нов почеток – премин од студент во професионалец кој носи одговорност за своите дела. Големината на ова признание не е само во тоа што претставува чест и гордост, туку и во тоа што ме потсетува дека како инженер секогаш треба да работам чесно, стручно и со почит кон науката и општеството. Тоа е признание кое ме обврзува да ја оправдам довербата и да продолжам да вложувам во мојот личен и професионален развој - вели Сара Панева во разговор за Факултети.мк.

Одлуката да студира на Факултетот за природни и технички науки ѝ дошла природно, затоа што секогаш чувствувала силна врска со креативноста, просторот и функционалноста на секојдневието.



- Ме привлекуваше идејата да ги спојам уметничките аспекти со инженерската прецизност и да создадам нешто што има реална примена во животот на луѓето. Факултетот ми го овозможи токму тоа – да ја изразам креативноста преку дизајн, но истовремено да научам и како секое решение да биде технички исправно и одржливо. Таа комбинација ме мотивираше да се вложам целосно во оваа професија - открива таа.

За Сара, студиите во Штип биле големо животно искуство исполнето со предизвици, нови пријателства и креативни моменти.

- Поминав низ многу интересни предмети и проекти кои ме научија не само на професионални знаења, туку и на тоа како да размислувам критички и да наоѓам решенија. Најсилен впечаток ми оставија часовите кога имавме можност да експериментираме, да комбинираме идеи и да бараме нови пристапи во дизајнот. Совршенството никогаш не го сфатив како цел сама по себе, туку повеќе како процес на постојано подобрување. Секогаш се трудев секој нареден проект да биде подобар од претходниот, и токму тоа чувство за напредок ми беше најголема мотивација - истакна Панева.

Сара заврши дизајн на ентериер и мебел и ги спои теоријата и практиката.

- Во мојата област теоријата е основата – таа нè учи на принципи, правила, стандарди и научни сознанија кои ја градат основата на секој проект. Практиката е местото каде што тие знаења оживуваат, каде што идејата се проверува и се претвора во вистинско решение. Без теорија практиката би била случајна и нестабилна, а без практика теоријата би останала само на хартија. Според мене, не станува збор за тоа која е поважна, туку како тие две да се надополнуваат. Теоријата ми дава сигурност, а практиката ми дава слобода – и токму во нивната комбинација се раѓа квалитетен дизајн - додава Сара.



Истражувањата биле важен дел од нејзиното студирање, а работењето на проекти кои не се сведувале само на цртање и дизајнирање, туку и на детални анализи, споредби и истражување на материјали, простори и трендови, ја научило дека креативноста мора да има силна основа во знаење и факти.

Сара во моментов е вклучена во неколку проектни активности поврзани со дизајн и уредување на простори.

- Работам на комбинирани проекти каде што се спојуваат ентериерниот дизајн и пејзажната архитектура, од приватни резиденцијални решенија до концепти за јавни зелени површини. Најчесто соработувам со архитекти, инженери и креативни тимови бидејќи ваквите проекти бараат мултидисциплинарен пристап. Тоа ми овозможува да стекнувам искуство од различни области и да учам преку тимска работа, што го гледам како голема предност на мојата професионална патека - открива Сара.

Научниците одговараат на прашања за светот кој постои, а инженерите креираат иднина. За Сара, и инженерот и научникот имаат заедничка цел – да создадат подобра иднина за луѓето.

- Инженерот ја претвора визијата во функционална реалност, а научникот обезбедува основа со нови сознанија. За мене, целта е да се креираат решенија што се одржливи, естетски и корисни, но и да се влијае позитивно врз заедницата и животната средина. На крајот, сметам дека вистинската мисија е да се остави трага што ќе им служи на генерациите што доаѓаат - потенцира Панева.



Сара верува дека млад инженер може да ја гради својата иднина и во Македонија, но тоа зависи од поддршката и можностите што ќе му се понудат.

- Во земјава има голем потенцијал за развој – од урбанизам и архитектура, па сè до одржливи решенија и современи дизајнерски проекти. Сепак, недостигот на услови и стимули често ги тера младите да ја бараат својата иднина надвор. Јас сметам дека ако се создадат вистински програми за поддршка и простор за креативност, многу инженери ќе изберат да останат и да вложат во сопствената земја - рече Панева.

Младата дизајнерка во иднина би сакала да работи на поголеми проекти кои имаат значајно влијание врз заедницата и просторот околу нас. Особено ја привлекуваат јавни простори, урбани паркови и комплексни станбени решенија каде што дизајнот и функционалноста се комбинираат за подобрување на секојдневниот живот. Но, ја инспирираат и проекти кои комбинираат современи технологии со природни материјали, бидејќи верува дека тоа е иднината на дизајнот и архитектурата.

- За десет години се гледам како професионалец кој има изградено стабилна кариера во областа на дизајн и архитектура, работа што носи значајни и одржливи резултати. Сакам да имам свои проекти и студио каде што ќе можам да креирам квалитетни ентериери и урбани простори, но истовремено да бидам дел од меѓународни иницијативи и соработки. Во следната деценија се гледам како инженер кој ги користи својата креативност и знаење за да создава простори што го подобруваат животот на луѓето и ја промовираат одржливоста, а притоа останува цврсто поврзан со Македонија и можностите што ги нуди земјата - заклучи Сара Панева.



Фото: приватна архива

Оваа содржина е заштитена со авторски права. Фотографиите се од сопствени извори или платени сервиси. Секоја употреба, копирање, преземање, репродукција или дистрибуција, целосна или делумна, надвор од овие услови или без претходна писмена дозвола од редакцијата, е строго забранета и подлежи на законска одговорност. Бесплатно преземање е можно само со дозвола од редакцијата и со јасно наведен извор и линк до изворниот текст во првата реченица од текстот.
Подготвил: Орце Костов

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема