X
 21.08.2019 Живот

Како изгледа фарма на иднината во Холандија?

Прасиња во кал, крави, кокошки... ова е идилична слика од холандска фарма која сепак не е толку традиционална како што се чини.

Сопственици и управители на фармата се локалните потрошувачи. Нивната цел е да ги променат навиките на Холанѓаните, државјани на една од низинските земји што би можеле да бидат загрозени од климатските промени.

Околу 200 семејства одлучуваат што ќе се произведува на фармата и што ќе јадат. Притоа вработуваат селани кои се грижат за животните, овошјето и зеленчукот.

- Главната цел е нашите членови да јадат природни производи, одгледани во нивна близина и тоа на најодржливиот можен начин - вели Доуев Кортинг, еден од управителите на фармата во близина на Бокстел, Јужна Холандија.



Членарината е 2.000 евра еднократно, а потоа се плаќа неделен надоместок од 10 евра по личност. Членовите за возврат добиваат храна каква што сакаат, локална и сезонска.

Фармата е оддалечена од градот околу 10 минути возење со велосипед. Се простира на 20 хектари и има 15 крави, 20 прасиња и 500 кокошки.

Семејствата секоја сабота доаѓаат на фармата, често со велосипеди, за да ги наполнат торбите со месо, јајца, овошје и зеленчук.

Идејата за управување со ваква фарма е позната како „Херенбоердериј“, што во буквален превод значи народна фарма, и сè се врти околу природата, дури и кога се користи модерна технологија, вели основачот Гаерт ван дер Вер.

Холандија е позната по своето интензивно земјоделство и е втора земја во светот во извезување  земјоделски производи, по САД. Но, бидејќи четвртина од Холандија лежи под нивото на морето, државата е особено чувствителна на глобалното затоплување, во кое токму земјоделството игра голема улога.

ОН неодамна предупредија дека начинот на кој светот ја користи земјата за производство на храна мора итно да се промени за да се спречи глобалното затоплување.

- Во нашиот систем производството на храна мора да се промени од темел ако сакаме нозете да ни останат суви - вели Ван дер Вер.

Холандската министерка за земјоделство Карола Шутен го објави новиот план вреден 135 милиони евра за да им помогне премин во „кружно“ земјоделство. Како што вели, целта повеќе не е производите да се што е можно поевтини, туку да се произведува со што помалку губиток на суров материјал и подобро да се управува со почвата, водата и природата.

Наскоро во Холандија ќе се отвори уште една народна фарма, овој пат во централниот дел на земјата.



Ван дер Вер потенцира дека тие не ја отфрлаат новата технологија. - Мораме да се вратиме на земјоделството од 50-тите години, кога сè уште знаевме што правиме, но сега да ја искористиме и модерната технологија - вели тој.

Додека тој зборува, под неговите нозе шетаат кокошки, кои со својот измет ги фертилизираат растенијата што растат меѓу дрвјата. На фармата наскоро ќе ѝ се придружи и робот што ќе може да почувствува кога плодот е зрел, а доаѓа и дрон кој од воздухот ќе ги надгледува полињата и ќе ја намали потребата за работна сила.

- Она што е сигурно е дека земјоделството апсолутно треба да се промени - заклучува Кортинг.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот