X
 21.11.2025 Живот

Од бесплатно образование и љубов кон кафето до поврзаност со природата: Зошто Финците се најсреќни во светот?

Иако живеат на самиот север на Европа, иако ноќта понекогаш им трае подолго од денот, а голем дел од годината минуваат на температури под нулата, Финците осма година по ред се прогласени за најсреќен народ во светот.

Зошто е така?

Финците поминуваат многу време во природа


Речиси 70 отсто од територијата е покриена со шуми, па не е чудно што Финците со задоволство престојуваат на отворено. Опкружени со зеленило и мир, велат дека токму таму го наоѓаат своето задоволство. Најпопуларни активности се долги прошетки и возење велосипед.

Земја на илјада езера


Финска ја нарекуваат „земја на илјада езера“. Тие езера настанале по последната глацијација, пред околу 10.000 години. Водата е толку чиста што може да се пие директно од чешма. Речиси секој ресторан бесплатно нуди бокал со вода, дури и без да побарате.

Финансиска поддршка за децата

Финските родители добиваат по 100 евра месечно за секое дете и тоа до неговата седумнаесетта година. Некои родители ги трошат парите, но повеќето ги штедат и му ги даваат на детето кога ќе стане самостојно. Така многу млади Финци го започнуваат самостојниот живот со заштеда од околу 20.000 евра.

Кралеви на рециклирањето

Финците одамна сфатиле дека рециклирањето е неопходно. Над 90 отсто од отпадот се преработува. Девет од десет пластични шишиња може да се рециклираат, а процентот за стаклените е уште поголем.

Огромна доверба во полицијата


Граѓаните во Финска навистина ѝ веруваат на полицијата. Повеќе од 90 отсто имаат високо ниво на доверба. Слично е и со другите институции. Кај Финците едноставно не постои проблем со недоверба во системот.

Необични спортови


Тешко е да се наречат вистински спортови, но без сомнение се забавни. Фрлање мобилен телефон во далечина, носење на сопругата, лов на комарци или „воздушна гитара“, сè тоа се необични, но омилени фински традиции.

Право на интернет

Пред десетина години Финска стана првата земја што пристапот до интернет го прогласи за основно човеково право. Владата утврди дека интернетот мора да биде брз и достапен за сите граѓани.

Луди по кафе


Според Меѓународната организација за кафе, Финците се втори во светот по количина на испиено кафе по жител.

Бесплатно образование

Од најмала возраст децата се насочуваат кон учење јазици, па мнозинството Финци течно зборуваат англиски. Образованието е целосно бесплатно, и основно, и средно, и факултет. Финскиот образовен систем е меѓу најдобрите во светот.

Селото на Дедо Мраз


Во Лапонија постои мало село по име Јоулупуки, кое може да се посетува во текот на целата година. Финскиот Дедо Мраз дури има и пасош во кој пишува дека е оженет и дека бил роден „пред многу, многу време“. Очигледно, Финците веруваат во бајки и можеби токму затоа нивниот живот е малку побајковит.

Извор: b92.net 
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот