Секоја ИКЕА-продавница има простран паркинг. Така, на пример, во Бурбанк, Калифорнија, има паркинг за 1.700 автомобили. Но, бидејќи компанијата работи на намалување на јаглеродот, вклучувајќи го и загадувањето од клиентите што возат автомобили, компанијата го менува паркингот. Новата продавница на седум ката што моментално е во изградба, во која ќе биде сместена ИКЕА во центарот на Виена, ќе нема ни едно паркинг-место.
- Зградата е насочена кон пешаците, метрото и велосипедисти - нема простор за автомобили - вели компанијата на својата веб-страница.
Локацијата е веднаш до трамвајската станица и на триминутно пешачење од метро-станицата и како и другите делови од градот, лесно е достапна со велосипед. Сè што клиентот нема да може да го понесе со себе, ќе му биде доставено.
- Нашиот концепт е дека не се потребни паркинг-места бидејќи нема производи што можат да се купат, а за кои е потребен автомобил - се вели на веб-страницата. И продавниците на компанијата во другите големи градови почнуваат да преземаат слични пристапи; на Менхетн има продавница што служи само како изложбен салон.
Без потреба за паркирање, зградата има простор за други намени.
- Тоа радикално влијаеше врз нашиот дизајн - вели архитектот Јакоб Данкл, сопственик на компанијата „Керкрафт“, виенска фирма што работеше на овој проект.
- Наместо два ката за паркирање, имаме два хостелни ката. И има огромна тераса на покривот отворена за јавноста - вели тој.
Фото: Jo & Joe
Покривот, кој е отворен дури и кога ИКЕА не е отворена, служи како јавен парк. Зградата е опкружена со зеленило како уште еден дел од нејзината стратегија за издржливост. Ефектот „урбан топлотен остров“ - факт е дека градовите што имаат бетон кој апсорбира топлина се потопли од околните села - може да се ублажи со растенија. Бидејќи Виена се справува со зголемените топлотни бранови поттикнати од климатските промени, градот сега намерно додава нови паркови и ги охрабрува архитектите да вклучат стратегии за ладење. Зградата на ИКЕА е дизајнирана така што има простор за балкони на кои може да се засадат големи дрвја.
На сите фасади, плус покривот, има вкупно 160 дрвја.
- Ова е многу повеќе отколку што би можело да се засади на самото место - вели Данкл.
Дрвјата ќе помогнат со правење сенка на стаклените фасади, одржувајќи ја продавницата ладна во најжешките денови. Бидејќи го ладат соседството, тие ќе помогнат и во чистењето на загадениот воздух и СО2.
Архитектите велат дека дизајнот е одржлив и на друг начин: за разлика од стандардната продавница, дизајнот е естетски доволно интересен што луѓето ќе сакаат да ја имаат и во иднина.
- Веруваме во одржливоста преку идентитетот и убавината. Станува збор за флексибилна зграда што за 20-30 години ќе биде и нешто друго освен
ИКЕА-продавница - вели Данкл.