X
 22.10.2018 Наша тема

Вештакот Ивана Марковска ни открива како МВР ги испитува фалсификуваните дипломи и свидетелства

Марковска објаснува дека секој документ може да се фалсификува. Нивниот оддел работи на документите што се издадени од државни органи, јавна администрација, кои имаат некакво значење во правниот сообраќај. Тука спаѓаат и зелени картони, документи од образовни институции, патни исправи, изводи, лични карти, како и потписи и ракописи

Микроскопи и видеоспектарни компаратори со одлични перформанси најмногу им помагаат на вештаците во МВР да ги откријат фалсификуваните дипломи. Повеќето документи кријат заштитни елементи кои не може да се видат со голо око. Кога еден документ ќе се стави во компаратор, на вештаците им ги прикажува сите заштитни елементи на документите од различен агол, под различни контрасти, УВ-светлина итн. Со негова помош не може да им избега ниту еден фалсификат.

Ивана Марковска - главен инспектор, вешто лице во одделението за испитување спорни документи при Одделот за криминалистичко-технички испитувања и вештачења - нè прошета во лабораторијата во МВР и од прва рака ни покажа како се испитуваат спорни документи.
Таа е магистер по национална безбедност. Вели дека во овој оддел вештините не се стекнуваат само преку формално образование, туку е важно што ќе пренесат колегите.

- Последна сум дојдена во овој оддел и тука сум девет години. Сите знаења и вештини сум ги стекнала преку моите колеги што ми биле ментори, како и преку обуки од странски експерти кои ни се задолжителни. Во нашата држава нема формално образование за вештачење на документи. Практиката е најважна и потребни се две години работа под менторство пред да можеш самостојно да почнеш да вештачиш документи – раскажува Марковска.


Марковска ни покажува примерок од оригинална и фалсификувана диплома

Секој документ може да се фалсификува

Таа нè однесе во лабораторијата каде што ги испитуваат спорните документи. Заедно разгледавме какви карактеристики и скриени елементи содржи примерок на лична карта од Австрија. Документот се става во видеоспектарниот компаратор. Ивана практично преку компјутер ѝ кажува на машината што сака да провери. Ја проверува техниката на печатење. Веднаш се гледа холограмот кој свети различно под различен агол. Буквално диско-топка почна да се врти пред нашите очи.

- Со овие светла се гледаат и најситните скриени дезени. Ова се вика холограм и не се фалсификува лесно – вели Марковска.
Исто така, со помош на страничните светла се уочува и оптичко варијабилен елемент кој под различен агол дава различна боја.
Базата во лабораторијата постојано се полни, со онлајн, но и со физички примероци на документи од целиот свет.
- Важно е да го имаш примерокот и физички за да можеш да направиш споредба.

Марковска објаснува дека секој документ може да се фалсификува. Нивниот оддел работи на документите што се издадени од државни органи, јавна администрација, кои имаат некакво значење во правниот сообраќај. Тука спаѓаат и зелени картони, документи од образовни институции, патни исправи, изводи, лични карти, како и потписи и ракописи.


Вака изгледаат рабовите на фалсификувана и на оригинална факултетска диплома, а разликите се очигледни и во хартијата

Што најмногу се фалсификува?

Најмногу се фалсификуваат патни исправи, но зачестија и дипломите. Тие вршат вештачење на документи само по наредба на обвинителство. Приватни вештачења нема.
- Овие документи најчесто во себе имаат заштитни елементи кои ги изработуваат специјализирани печатници. Тие во текот на изработката вметнуваат заштитни елементи кои се тешки за фалсификување. Но, имаме и документи што имаат значение, а немаат заштитни елементи, на пример уверението за завршено високо образование, листот на кој ги пишува оценките. Но, печатот и потписот од деканот се оригинални - објаснува таа.
Инаку, дипломите и свидетелствата се изработуваат на специјален лист хартија што при УВ-светлина не блеска како обичната хартија. Таа хартија има посебен хемиски состав.
- Заштитните елементи што се интегрираат во посебната хартија се воден знак, влакненца кои под УВ даваат различен одблесок – објаснува Марковска.

Биометриските документи се потешки за фалсификување, но и тие се подложни на фалсификати.
- За сѐ е најден начин. Печатењето на овие документи обично оди на големи печатарски машини, но има случаи кога неоригиналите ги прават на обични печатарски машини, печатачи кои не се користат при изработка на овие документи.
Кога се во прашање фалсификуваните документи од образовни институции, постојат два вида фалсификати, објаснува Марковска.
- Едниот начин е кога е извршен целосен фалсификат на образецот од документот (дипломата), а другиот начин е кога на оригинален образец се вметнати неоригинални податоци. На пример, дипломата е оригинална, но податоците внесени во неа се лажни, има фалсификуван потпис итн.



Во Одделението за испитување спорни документи се вршат анализи и испитувања од форензички аспект на оригиналноста на обрасците. Постапката за испитување почнува кога вештаците ќе добијат неоригинален, спорен примерок и неспорен примерок.

Неоригинални документи за испитување добивале од речиси сите факултети во Македонија.
- Интересна е работата, понекогаш е напорна. Во зависност од тоа колку е квалитетно изработен некој фалсификат, понекогаш знаеме да се изнамачиме. Но, нема шанса да не се докаже. Најспецифични за работа се документите што немаат висок степен на заштита. Потешко се откриваат зашто не содржат во себе оригинални елементи. Но, секако тука се потписот и печатот, кои не лажат. Секако, покрај апаратите што ни стојат на располагање, тука е и искуството на вештаците, на кои не може да им избега фалсификат - завршува Марковска.

Подготвил: Милена Атанасоска-Манасиева / milena.atanasoska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема