X
 22.11.2019 Технологија

ФИТР: Повеќе од двојно зголемен бројот на поддржани компании од повикот за комерцијализација на иновации

Дополнителни 7,5 милиони евра од буџетот на Владата ќе бидат вложени кај 32 компании за финансирање преку програмата за комерцијализација на иновации на Фондот за иновации и технолошки развој. Со овој буџет и првичните 5 милиони евра одобрени пред неколку месеци Фондот ќе има 12.500.000 евра за да помогне иновации на македонски фирми. Со зголемувањето на буџетот за кофинансирање бројката од 30 првично одобрени проекти во првиот бран од страна на Комитетот за одобрување на инвестиции (КОИ) во моментов достигна до 62 компании, односно 90% од искористеност на предвидениот буџет во вториот бран.

Периодов се разгледуваат и аргументите што дел од компаниите ги доставија до Комитетот, а се однесуваат на добиените забелешки и коментари кон проектните апликации. Со завршување на овој процес, се очекува уште 10-15 компании исто така да добијат можност за кофинансирање на проектните апликации, со што буџетот на јавниот повик ќе се искористи 100%.



Компаниите што добија позитивен одговор од КОИ во првиот и во вториот бран преку реализирање на проектите предвидуваат инвестиции од вкупно 16.880.141,64 евра, од кои сопствено учество од вкупно 5.646.601,35 евра. На поддржаните проекти ќе бидат ангажирани вкупно 769 лица, од кои 360 нововработени со просечна плата од 698,60 евра по вработен.

Во вториот бран 75% од компаниите се нови корисници, додека 16% се компании што биле одбиени на претходни повици на ФИТР, а сега повторно аплицирале со подобрени проекти.

Дека иновациите имаат сѐ поголема примена во голем број индустрии покажуваат и податоците за поддржаните проекти, од кои најголемиот дел доаѓаат од ИТ-секторот, образование, електроника и електротехника, технолошка индустрија, текстилна и кожна индустрија, машинство, земјоделство, енергија и извори на енергија, здравство, градежништво и екологија.
Јавниот повик за комерцијализација на иновации заврши на 15 мај 2019 г. Аплицираа вкупно 487 компани кои побаруваа 70 милиони евра. Во фазата на финална евалуација влегоа 366 апликации што го поминаа процесот на административна проверка и претселекција спроведен од 97 домашни стручни лица. Конечната одлука за одобрување на проектите ја носи Комитетот за одлучување на инвестиции, кој го сочинуваат петмина странски експерти, именувани од Владата по пат на меѓународен конкурс. Оценувањето на проектите се врши врз основа на исто толку критериуми: степен на иновативност, квалитет на апликација, капацитет на проектен тим, процена на пазар и влијание.

Добра вест за сите компании што веќе учествувале на овој и на другите јавни повици на ФИТР е одобрувањето на т.н. „fast track“ скратена постапка за аплицирање, за која Фондот достави иницијатива до Владата на почетокот од октомври годинава. Имено, отсега компаниите што ги поминале фазите на административна проверка и претселекција и добиле соодветни забелешки и препораки од Комитетот за одобрување на инвестиции на Фондот во последна фаза, ќе може да достават подобрен проект на следен јавен повик користејќи ја скратената процедура. Ова право се однесува за сите јавни повици на Фондот објавени во период од 12 месеци од добиеното известување на компанијата од Комитетот на претходен јавен повик.



Со скратената постапка се намалуваат трошоците за компаниите, но и на Фондот и значително се намалува времето од аплицирање до одлука на Комитетот за одобрување на инвестиции. Во практика, од досега потребните 60-90 дена (зависно од број на пристигнати апликации) постапката за компаниите што реаплицираат со ист или подобрен проект би траела двојно помалку.
До крајот на годинава ќе бидат објавени два нови повика, односно за инструментот „Кофинансирани грантови за технолошки развој“ со вкупен буџет од 6.000.000 евра и нов повик за новоосновани трговски друштва „стартап“ и „спиноф“ со вкупен буџет од 1.500.000 евра.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија