X
 23.01.2016 Образование

Фактори кои влијаат врз учењето за кои не сте знаеле

Сигурно ви се има случено многу пати со часови да поминувате над книгата или скриптата, а сепак никако да ја научите содржината. Причините, горе-долу, ни се познати на сите.

Или постојано ни ѕвони мобилниот телефон, или во книгата влегува згодното/ата момче/девојка или играте игри на мобилен телефон и грицкате нешто. Некогаш пак, навистина се обидувате да научите, меѓутоа никако не ви оди. Проверете што влијае врз учењето, и дали воопшто сте свесни за сето тоа што ве демотивира. Ова се само некои од тие фактори.

1. Мириси

Сигурно ви се случило некое неделно претпладне да седните да учите, а вашата мајка во кујната го припрема ручекот. Мирисот се шири низ куќа, а вашите мисли и концентрација патуваат заедно со мирисот и не ги следат речениците во книгата. Сепак, вие сте упорни и седите над книга.

Мирисите можат да деконцентрираат исто како и звукот. Учењето покрај силен мирис може да биде еднакво невозможна мисија како и учењето покрај гласен телевизор. На надворешните фактори не можеме секогаш да влијаеме, така што, доколку ви пречи мирисот единствено решение е промена на локацијата на учење.

2. Фенг-шуи

И распоредот на мебелот во просторијата во која учите може да влијае врз способноста на помнење и следење на материјалот. Ако работите во мала соба без многу светло, тешко ќе се сконцентрирате и тешко ќе ги впивате информациите. Посебен проблем е нередот. Поради него имаме технички потешкотии поради кои ги губиме живците и остануваме без волја и енергија.

Пред учење обавезно средете го просторот во кој учите за да биде уреден и за при рака да имате сè што ќе ви притреба.

3. Температура и влага


Соба во која температурата е премногу висока кај вас може да предизвика поспаност, а студената температура нема да ве остави да размислувате за ништо друго.

Обидете се да ги контролирате условите во кои учите. Внимавајте на лето да учите онаму кадешто има клима, а на зима просторијата да биде загреана.

4. Асоцијации на други активности


Да речеме имате омилена клупа во паркот, кадешто секогаш одите и читате на мир, додека во позадина го слушате шушкањето на лисјата. На истото тоа место го имавте и првиот бакнеж со момчето/девојката, па сега кога одите, единствено што можете да мислите е неговиот/нејзиниот мирис и што сè сте правеле на оваа клупа. Исто така, ако учите на кујнската маса може да станете гладни. Ако некое место носи одредени асоцијации, тешко е да останете сконцентрирани на учењето.

Обидете се да имате постојано место на кое ќе учите и немојте да го мешате со други активности.

5. Има нешто интересно во близина


Кога се обидувате да научите нешто што ви е тешко и досадно, сè останато околу вас може да е најзабавната работа во светот. Ако во близина имате мобилен, тогаш на вашето учење му се гледа крајот.

Затоа, исклучете го мобилниот, одлогирајте се од „Фејсбук“, отстранете сè што ви го одвлекува вниманието и испланирајте си паузи и дајте си 10 минути за забава, па пак на учење.

6. Звук во позадина


Ако за нешто мора да бидете добро сконцентрирани, и најмалиот звук може да ви пречи. Чкрипењето на масата, кашлањето - сето ова може да ве излуди. Ако учите во апсолутна тишина се слуша скоро сè.

Затоа добро е да учите на место каде што звукот во позадина е очекуван, па лесно би го исклучиле и би се сконцентрирале на содржината. Тоа секако не значи дека треба да учите во кафуле. Важно е да пронајдете рамнотежа.

7. Удобност


Ако учите по пижами во кревет, сè околу вас е меко и топло, па може да ви се случи случајно да заспиете со книгата на глава. Секако, никој не вели дека треба да учите на неудобна столица и во студен просторија, но потребно е да пронајдете некоја рамнотежа.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование