X
 23.05.2023 Здравје

Долгиот ковид-19 предизвикува имунолошки абнормалности

Таканаречениот „долг ковид-19“, кој се карактеризира со задржување на симптомите на болеста во подолг период од вообичаеното, може да влијае врз речиси секој орган во телото. Се проценува дека над 65 милиони луѓе во светот живеат со оваа состојба. Во моментов нема ефикасен третман или тестови кои би покажале дека лицето ќе се соочи со оваа состојба.

Истражувачи од американскиот Национален институт за здравје направиле тестови на 12 лица со долг ковид-19 и група здрави индивидуалци за да дознаат зошто се јавува оваа состојба. Поголемиот дел од пациентите со долг ковид-19 биле средовечни жени кои имале слаби симптоми кога се заразиле од болеста пред околу 9 месеци, а сега чувствуваат замор и когнитивни тешкотии кои им влијаат врз секојдневието.

Научниците забележале дека една од најголемите разлики помеѓу луѓето со долг ковид-19 и здравите испитаници е бројот на имунолошки клетки. Учесниците со долг ковид-19 имале помал број имунолошки клетки кои најчесто се задржуваат во телото по инфекции и помагаат во препознавање на потенцијалните закани.

Освен тоа, лицата со долг ковид-19 имале повеќе клетки кои ги детектираат и уништуваат оштетените клетки. Биле забележани и други имунолошки абнормалности кои посочуваат на постојана инфекција или необичен имунолошки одговор на инфекцијата, според авторите.

Експертите заклучиле и дека лицата со долг ковид-19 често имале забрзано биење на срцето и вртоглавици и помалку можеле да ги контролираат срцебиењето и крвниот притисок. Било забележано и дека температурата на кожата била пониска кај луѓето со долг ковид-19, поради ослабен крвоток до кожата.

Извор: Science alert
Насловна фотографија: Freepik
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје