На свечена церемонија, пред платото на претседателската „Вила Водно“, претседателот Стево Пендаровски денеска им врачи признание „Инженерски прстен“ на 12 најуспешни студенти, кои дипломирале на факултетите за инженерски дисциплини во земјава.
Признанието по 19. пат го доделуваат Инженерската институција на Македонија и Комората на овластени архитекти и овластени инженери, под покровителство на Претседателот на Републиката.
- Без сомнение, со доделувањето на ова признание придонесуваме за афирмирање на инженерските професии, а и самата оваа манифестација придонесува за промоција на инженерството. Од она што низ годините го гледаме на овие наши заеднички собири, како и од списокот на добитници на наградата, можеме да се пофалиме со квалитетен инженерски подмладок, кој сè повеќе е ценет и кај нас и во странство. Машинци, архитекти, информатичари, технолози, електротехничари, градежни, земјоделски и шумарски инженери, добитници на „Инженерскиот прстен“, но и сите останати инженери, се движечка сила на секоја држава. Тие млади луѓе веќе суштински придонесуваат за македонската економија, а со тоа и за благосостојбата на сите наши граѓани - истакна претседателот Пендаровски.
Тој верува дека, како што е тоа случајот во развиените земји, така и кај нас, сè повеќе соодветно ќе се верднува значењето на инженерските струки, а тие сè повеќе ќе стануваат привлечни за младите. За тоа да се случи, претседателот очекува надлежните институции, секоја во рамките на своите надлежности, да придонесат за понатамошен развој на инженерството кај нас.
-Почитувани добитници на „Инженерскиот прстен“, и на денешното доделување повторно сакам да ја изразам својата надеж дека најголемиот дел од вас ќе продолжи да се надградува, да напредува и професионално да се реализира во својата родна земја. За таа цел треба да ги отвориме, научно-образовните институции, државните институции и органи, но пред сè стопанските субјекти, за во нив младите инженери да ги реализираат своите знаења и квалитети, и професионално да се надградуваат - рече Пендаровски.
Тој потенцира дека темата за инвестирање во младите инженери, и воопшто во младите, не смее да остане само на нивото на политичка реторика, туку тоа треба да функционира и во пракса.
- Сите сме заситени од флоскули и убави зборови, додека во реалноста промените не се случуваат со потребното темпо. Живееме во сложени времиња, со постојани тензии, здравствени и економски кризи, кои влијаат врз нашето спокојство, благосостојба и квалитет на животот. Да се обединиме зад добрите идеи и проекти и да ги искористиме овие години за повлекување на вистинските чекори во насока на развој и напредок на нашата татковина - потенцира Пендаровски.
Тој рече дека проблемите се решаваат само со креативност, иновативност, упорност и самодоверба, а во тој процес движечка сила треба да бидат нашите млади, со чии знаења и вештини, енергија и мотивираност ќе можеме да ги надминеме сите предизвици.
- Со желба за просперитетна модерна и економски силна Македонија, во која вие ќе си го најдете своето место, ви честитам за добивањето на „Инженерскиот прстен“ за 2022 година - им порача претседателот на добитниците на ова признание.
Извор: МИА