X
 23.07.2020 Живот

Колку робови работат за нашето чоколадо?

Експлоатирани деца, мизерни плати, загадување - дали може законот да го прекине тој синџир?

Во секоја германска продавница лесно може да се најде млечно чоколадо за помалку од 80 центи. И тоа убаво спакувано, испорачано, поставено на полица - сето тоа чини. А тука е и профитот на трговецот и на сопственикот на продавницата.

Затоа самото чоколадо мора да биде бесрамно евтино. Се гледа секоја негова состојка да биде што е можно поевтина, а кога станува збор за најважната и највредна состојка, какао-плодот, јасно е дека и работата мора да биде доста евтина. Односно, тоа да го работат оние на кои најмалку им се плаќа: децата.

За секој од нас работат 50 робови

Веќе две децении Универзитетот во Чикаго внимателно ја следи состојбата на плантажите на африканските земји кои се во предност во извозот на суровини од какао, а тоа се Брегот на Слоновата Коска и Гана.

Во најновата анализа може да се види дека има сè повеќе деца што работат и дека нивната бројка - и покрај „загриженоста“ и лицемерството на Западот, достигнува рекорд: околу 2.260.000 деца се присилени да берат и да преработуваат какао-плодови за ние да јадеме евтино чоколадо.

plantazi
Фото: Freepik

- Проблемот е што ние во индустријализираните земји го пренесуваме производствениот синџир во земјите во развој и со тоа ги поткопуваме производствените стандарди во нашите општества, со што ја прифаќаме и конкретизираме експлоатацијата на луѓето и природата во земјите во развој. Еден научник од Бајројт докажа дека нашиот животен стандард во Германија и потрошувачката со која живееме значи дека за нас во просек работат 50 робови - вели германскиот министер за развој Герд Милер.

Доброволно - не функционира

Ова не е ништо ново и се чини дека постојат обиди нешто да се промени. Не само на политичко ниво, туку и компаниите во развиените земји внимаваат во нивниот производствен синџир и синџир на снабдување да има стандарди за заштита на работникот, животната средина и социјалната заштита.

На политичарите не им е јасно зошто тоа не можат да го направат и самите компании.

- Ако веќе внимаваат на квалитетот на производот, може да внимаваат и на почитување на човековите права - убеден е германскиот министер за труд Хубертус Хајл.

Но, тие не можат да го направат тоа - или не сакаат. Синџирот во кој купувачот од полицата го зема само она што е евтино не може да се скрши тукутака, а компаниите порадо не би прашувале кој и како нешто произведува сè додека цената е поволна. И големите брендови подлежат на оваа алчност. Кога купувате фармерки од 150 евра, не е невозможно да ги произвеле истите сиромашни луѓе што прават фармерки и од 15 евра.

Законот е всушност договорен


Затоа никој не покажува голема волја да го следи текот на производството. Ова го покажало и истражувањето спроведено меѓу 5.500 големи германски компании со повеќе од 500 вработени.

Во декември 2019 година бил спроведен првиот прелиминарен резултат од истражувањето, кое покажало дека само 18 отсто од компаниите имаат барем некаков начин да го следат синџирот на снабдување и можат да ги докажат околностите под кои производите што се увезуваат биле произведени. Во вториот круг од истражувањето процентот се искачил на 22 отсто.

- И второто испитување даде разочарувачки резултати. За да се постигнат стандардите за човекови права, како и дека немало детска работа во синџирот на снабдување и дека сите се придржуваме кон еколошките и социјалните, барем минимални, стандарди, потребна ни е правна рамка. Така е и договорено во коалицискиот договор на нашата влада - вели министерот Милер.

Германските демохристијани во 2018 година потпишаа договор со социјалдемократите за усвојување соодветен закон доколку самите компании не го променат ставот кон проблемот.  Предлог-законот оди прилично далеку: сите компании со повеќе од 500 вработени треба да проверат во колкава мера нивната активност ги крши човековите права и да се преземат соодветни мерки за превенција и помош.

Повеќе од 60 германски компании соопштија дека ги поздравуваат таквите мерки. Но, голем дел од компаниите се и лути затоа што владата сега им наметнува дополнителни правила во време на пандемија.

Извор: Detusche Welle
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот