X
 23.07.2025 Култура

„Нетфликс“ ја откри вистината за случајот „Момчето во балонот“ во нов документарец

Петнаесет години по необичниот настан што ѝ го привлече вниманието на светската јавност, „Нетфликс“ објави нова документарна серија со наслов „Катастрофа: Момчето во балонот“ (англ. Trainwreck: Balloon Boy), која повторно го отвора случајот на семејството Хине и нивниот 6-годишен син Фалкон. Серијата истражува како една наводна несреќа со балон со хелиум стана медиумска сензација и заврши со судска постапка што му го промени животот на семејството.

Во 2009 година Ричард и Мајуми Хине пријавиле во полиција дека нивниот 6-годишен син Фалкон случајно се качил во експериментален балон со хелиум што полетал над Колорадо. Започнала итна потрага, на копно и во воздух, а телевизиите во живо го пренесувале летот на балонот верувајќи дека детето е внатре.

Но, вистината била многу поинаква: Фалкон бил скриен на таванот над гаражата. Полицијата првично не го пребарала тој дел од куќата. Кога семејството подоцна гостувало во шоуто на Лери Кинг, водителот го прашал Фалкон зошто не се јавил додека траела потрагата, а детето одговорило: - Ми рекоа дека тоа го правиме поради шоу.

Тоа предизвикало нова лавина сомнежи дека целата приказна била инсценирана.

 

Што навистина се случило?

Во документарецот, 22-годишниот Фалкон раскажува дека тој ден се обидел да се качи во балонот, но неговиот татко го искарал, па исплашен, се скрил на своето омилено место - на таванот над гаражата. Таму заспал и се разбудил дури откако веќе се кренала паника.

- Се сеќавам дека мислев дека направив нешто лошо. Но, имав само шест години и возрасните го толкуваа тоа што го кажав како што ним им одговараше. Беше збунувачки - изјави Фалкон.

Обвиненија и затворски казни


По инцидентот следувала истрага. Било откриено дека Ричард и Мајуми претходно учествувале во реалното шоу „Замена на сопруга“, што довело до сомнежи дека сакале слава и сопствено шоу. Ричард подоцна признал вина за попречување на службено лице, а Мајуми за лажно пријавување. Тој добил 90 дена затвор, а таа 20.

И покрај тоа, и денес тврдат дека не се работело за свесна измама.

- Зошто би направил нешто што може да ме испрати во затвор? Како тоа би ми донело ТВ-шоу? Тоа нема смисла - изјави во една пригода Ричард.

Во документарецот се прикажува и снимка од моментот кога балонот полетува, додека родителите плачат и викаат, што според нив, покажува дека нивните емоции биле искрени.

Во 2020 година гувернерот на Колорадо ги помилувал со образложение дека државата треба да гледа во иднината.

По објавувањето на документарецот, социјалните мрежи беа преплавени со коментари дека станува збор за многу чудно семејство, особено родителите кои направиле сè за 5 минути слава, а сега повторно ја бараат преку овој документарец.

Извор: Index.hr
Фото: Screenshot/YouTube
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура