Документарецот „Смртоносен американски брак“ (англ. A Deadly American Marriage), снимен според вистински настан од 2015 година, брзо го освои вниманието на гледачите и се искачи на второто место на глобалната листа со најгледани филмови на „Нетфликс“.
Документарецот е во продукција и режија на Џесика Бурџес и Џени Попелвел и ја истражува мистеријата за убиството на Џејсон Корбет, вдовец од Ирска кого го убија неговата сопруга Моли и нејзиниот татко Томас Мартенс.
Филмот содржи ексклузивни интервјуа со Моли и Томас, како и со Џек и Сара, децата на Џејсон, давајќи редок увид во спротивставените перспективи на оние што се најблиски до случајот.
Документарецот доживеа голем успех на стриминг-платформата и забележа 12,8 милиони прегледи.
- Кога Џејсон Корбет, ирски вдовец и татко на две мали деца, повторно ја пронајде љубовта со својата американска дадилка Моли Мартенс, во 2008 година, нивната врска изгледаше како бајка. Заедно со децата Џек и Сара, се преселија во Северна Каролина за да започнат нов живот. Но, на 2 август 2015 година, нивната идилична приказна доби мрачен пресврт откако Џејсон беше убиен во насилна расправија дома. Виновници? Моли и нејзиниот татко Томас Мартенс, поранешен ФБИ-агент - се наведува во синопсисот на филмот.
Моли и Томас тврдеа дека дејствувале во самоодбрана. Таа подоцна не ги оспоруваше обвиненијата, додека Томас во 2023 година се изјасни за виновен за ненамерно убиство за да избегне судење. Нивното ослободување од затвор во јуни 2024 повторно ги отвори прашањата за вистинската природа на инцидентот.
Според транскриптите од полициските сослушувања, Том Мартенс тврдел дека тој и сопругата таа вечер дошле во куќата на нивната ќерка, каде што Џејсон бил пијан. Семејството легнало без инциденти, но ситуацијата ескалирала кога ќерката Сара се разбудила поради кошмар, а Моли отишла да ја смири.
Наводно, Џејсон се вознемирил што се разбудил и започнала расправија. Моли тврди дека тоа не било невообичаено и дека тој често бил насилен и ја малтретирал. Таа изјавила дека Џејсон ја давел и се плашела за својот живот. Кога Томас пристигнал, Џејсон наводно се нафрлил и на него.
Моли вели дека нејзиниот татко паднал за време на пресметката, а кога Џејсон тргнал кон него, таа зела тула што случајно се нашла на нејзината ноќна масичка и го удрила по главата. Томас, стравувајќи за животот на својата ќерка, го удрил и со палка.
Окружниот обвинител што го водел случајот изјавил дека извештајот од обдукцијата е „ужасен“, нагласувајќи ја употребената сила за нанесување на повредите што ги констатирал патологот. Полицијата подоцна ѝ соопштила на сестрата на Џејсон дека тој претрпел најмалку десет удари во главата.
Дали станува збор за вистинска самоодбрана, како што тврдат, или за внимателно испланирано убиство? За многумина, сложената врска меѓу Џејсон и Моли дополнително ги замаглува работите, особено поради долготрајната борба за старателство над Џек и Сара, кои во моментот на убиството имале 10 и 8 години.
Иако првично полицијата верувала дека смртта на Џејсон е резултат на самоодбрана, документарецот прикажува како полицијата и обвинителството постепено градат случај за убиство или убиство од небрежност.
Извор:
Klix.ba
Фото: Screenshot/YouTube