X
 23.09.2026 Живот

Ново детско музичко шоу „ЈЕЕЈ!“ - автентичната магија на „Светот на Биби“ оваа сабота пристигнува во реалниот свет

Тимот на „Светот на Биби“, по повеќе од 8 години многу успеси тука и во странство, овој месец започнува нов проект - детско музичко шоу „ЈЕЕЈ!“

Омилените детски ликови Биби и Боби во новото шоу оживуваат во реалниот свет, заедно со уште неколку нови пријатели, како и со веќе познати анимирани ликови. Она што ги спојува и ќе го истражуваат во новиот музички и едукативен серијал е - музиката.

По конкурсот за кастинг, кој беше објавен минатата година, тимот на „ЈЕЕЈ!“ откри талентирани млади актери кои со полна пареа го подготвуваат новото шоу. Надиа Кирковска е во улога на Биби, Максим Апостоловски е Боби, а Марта Конеска и Христијана Матеска ќе внесат дополнителна свежина со нови ликови за кои допрва ќе се зборува.

Првата епизода ќе се емитува премиерно на јутјуб-каналот на „Светот на Биби“ на 26.9.2026 (сабота) во 19:00 часот. 


Шоуто е во продукција на „Светот на Биби“. Главни продуценти се Стојче Коко Ѓорѓиев, Марјан Алексовски и Жарко Стојаноски. Режисер и сценарист е Бојан Трифуновски, а за снимањето и монтажата е задолжен Јосип Здравковски.

Во реализацијата е вклучен и дел од продукцискиот тим што стои зад проектите на „Светот на Биби“, предводен од арт-директорот Михајло Димитриевски - Тхе Мичо. Музички директор на шоуто е Ангел Ќосев. „ЈЕЕЈ!“ се снима во студиото „Подрумот“.

- Во време кога сè почесто се појавуваат брзо создадени песни и анимирани видеа генерирани со вештачка интелигенција, сакавме да создадеме оригинално шоу што ќе им помогне на децата да ја препознаваат, сакаат и да создаваат квалитетна музика.

На „ЈЕЕЈ!“ работиме речиси една година. Ги оживеавме Биби и Боби, кои заедно со учителката по музичко Моника и нејзината асистентка Тина ќе ги водат децата низ светот на музиката, ритамот и инструментите. На кастингот за Биби и Боби се пријавија повеќе од 600 деца, што ни покажа колку голема желба имаат да пеат и да настапуваат.

„ЈЕЕЈ!“ ќе живее и надвор од екранот, преку настани и концерти на кои децата ќе се дружат, ќе запознаваат музичари и ќе ја доживуваат музиката во живо. Почнуваме од Македонија, а планираме шоуто да стигне во сите земји каде што е присутен „Светот на Биби“. Благодарни сме им на сите компании што ни се придружија во оваа мисија - изјавуваат продуцентите од „Светот на Биби“.

Главен партнер е ПЗУ Авицена Лабораторија. Партнери се Македонски Телеком, Лококроко и Дексико (Србија), а пријатели на „ЈЕЕЈ!“ кои го поддржуваат проектот се Алкалоид, Шпаркасе Банка, Триглав Осигурување и Flying Tiger Copenhagen.

До крајот на 2026 година се планирани осум епизоди, кои ќе се емитуваат на јутјуб-каналот на „Светот на Биби“. Корисниците на MagentaTV ќе имаат пристап до дополнителнa содржина од шоуто.

За повеќе информации следете ги сите канали на социјалните мрежи на „Светот на Биби“, како и тик-ток профилот @jeej.mkd - https://www.tiktok.com/@jeej.mkd

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот