X
 23.10.2021 Наука

Докторка објаснува зошто некои луѓе умираат иако се вакцинирани против ковид-19

Поранешниот американски државен секретар Колин Пауел почина од компликации предизвикани од ковид-19, иако беше вакциниран со две дози. Но, Пауел имал и сериозно нарушен имунитет поради миелом (рак на крвта). Почина на 85-годишна возраст.

Aко луѓето продолжат да умираат и покрај тоа што се вакцинирани против ковид-19, тогаш која е целта на вакцинирањето? Токму на ова прашање одговара медицинската аналитичарка д-р Леана Вен, докторка и професорка на Универзитетот во Вашингтон.

Најновите податоци од американскиот Центар за контрола и превенција на болести (ЦДЦ) покажуваат дека вакцините  ги намалуваат шансите за позитивен тест за ковид-19 за шест пати, а шансите за смрт за 11 пати, вели д-р Вен обидувајќи се да одговори на прашањето.

Иако таквите изгледи се одлични и многу подобри од оние ако некое лице не е вакцинирано, вакцините против ковид-19 не обезбедуваат 100-процентна заштита. Ниту една вакцина не штити 100 отсто, како што ниту една медицинска терапија не е 100 отсто ефикасна. Тоа не значи дека вакцината не дејствува или дека не треба да ја примате, нагласува д-р Вен.

Кога станува збор за Пауел, тој спаѓаше во категоријата луѓе кои и покрај тоа што биле вакцинирани, имале големи шанси да развијат тешка форма на болеста, вели д-р Вен. Тоа што имал мултипен миелом и неговата возраст значеле зголемен ризик од тешка форма на ковид-19, и покрај вакцината.

- Знаеме дека постарите лица имаат поголема веројатност да страдаат од тешка болест и да умрат по инфекцијата. Оние што се изложени на посебен ризик се луѓе што имаат ослабен имунитет.

vakcina
Фото: Freepik

Докторката за Си-ен-ен сликовито ја опиша вакцината како многу добра кабаница која добро ќе го заштити човекот од слаб дожд, но помалку од бура. Вен го користи интензитетот на дождот како аналогија на количината на изложеност на новиот коронавирус. Ако сте изложени на помали количини, кабаницата ќе биде одлична заштита, но ако некое лице е изложено на големо количество на вирусот (аналогно бура), тогаш има поголеми шанси да се наводени.

Во таа смисла, д-р Вен истакнува дека вакцините најдобро функционираат кога се вакцинирани што е можно повеќе луѓе.

- Освен тоа, не треба да заборавиме дека се вакцинираме за да ги заштитиме најранливите меѓу нас, кои се изложени на најголем ризик од тешки исходи - вели докторката и потсетува дека носењето маска го намалува и ризикот од инфекција во области со висока концентрација на вирусот или во затворени простории.

Токму затоа се препорачува трета доза од вакцината, потсетува д-р Вен.

Вен има порака за оние што не веруваат во ефикасноста на вакцините и вакцинирањето воопшто.

- Би ги замолила да размислат за другите аспекти на медицината. Да речеме дека некој има срцеви заболувања. Постојат лекови за лекување на срцевите заболувања, но тие не се 100 отсто ефикасни - ништо не е. Да искористиме пример со превенцијата. Да речеме дека некој што се храни здраво и многу вежба, сепак, добива висок крвен притисок и дијабетес. Тоа не значи дека исхраната и вежбањето не се добри за здравјето. Тоа само значи дека можете да ги преземете сите правилни чекори за да ја спречите болеста, но понекогаш сепак може да ја добиете болеста. Една од главните загатки во јавното здравство е дека работата што ја правиме се однесува на превенцијата. Додека го гледате крајниот резултат ако превенцијата не успее, не ги гледате сите спасени животи поради превенцијата.

На крајот на краиштата, клучот за намалување на ризикот на сите од ковид-19 и за ставање крај на пандемијата е сите да се вакцинираме. Вакцината нѐ штити нас и оние околу нас.

Извор: CNN
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука