X
 23.10.2022 Наша тема

Горјан Гого Славески ја промовира Македонија во голорак бокс во светот: „Имам освоено европска УБФ-титула и се стремам кон светски успех!“

Горјан Славески, познат како Гого, е амбасадор на нашата држава во голорак бокс. Тој ја претставува Македонија на светско ниво, а моментално живее во Мајами, Флорида, каде што професионално се занимава со овој адреналински спорт.

Дваесет и осумгодишниот Горјан, кој потекнува од Ѓорче Петров, Скопје, веќе неколку години живее во Мајами каде што професионално тренира и се натпреварува во голорак бокс. Интересот за боксот му се јавил уште на 17-годишна возраст, кога почнал да ја претставува Македонија на регионално ниво.



- Со бокс се занимавам веќе 11 години, а со бокс со голи раце активно се занимавам веќе 7 месеци. Моите почетоци се  во Македонија, меѓутоа, имам само едно натпреварување за македонскиот тим, и тоа во регионалната лига која се одржа во Босна и Херцеговина.

Според Гого, желбата за овој спорт се поврзува со неговиот идентитет и карактер. Карактеристично за овој спорт е тоа што за време на борбата играчите не носат ракавици, ударите ги задаваат без ракавици или имаат ленти заврзани околу дланката, но не и на зглобовите од раката.

- Тоа што го прави овој спорт поразличен од другите е што за време на борбата не се носат ракавици. Адреналинот е на повисоко ниво затоа што последиците можат да бидат фатални.

(Фото: Nick Vespe)

Овој спорт бара голема жртва и посветеност, така што Славески редовно и напорно тренира. Незапирлив е и покрај европската УБФ-титула (од Универзалната боксерска федерација) и се стреми кон постигнување светска слава.

- Со спортот се занимавам професионално. Имам свој тренер и секојдневно имаме тренинзи. Кога се подготвувам за борба, имам и по два тренинзи на ден, па еден ден пауза. Во мојата кариера досега имам освоено европска УБФ-титула за бокс во Германија. Но, не запрев тука. Моментално сум фокусиран на постигнување светски успех во голорак бокс.

(Фото: https://www.bkfc.com/)

И покрај тоа што голоракиот боксер ја претставува својата држава на друг континент, поддршката ја добива од македонската и странската публика и вели дека секоја победа за него е од големо значење.

Профилот на Горјан Славески на Инстаграм


Подготвил: Јована Трајковска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема