X
 23.10.2025 Живот

Манастир во Ница претворен во хотел: Калуѓерки го граделе камен по камен, а сега е луксузен хотел со пет ѕвезди

Куван Сент Клер, манастир од 17 век кој со векови бил место за размислување и духовност, е трансформиран во хотел со пет ѕвездички - „Ди Куван“, благодарение на визијата на Валери Грего, основач на групацијата „Персеј“.

Манастирот е изграден во 1604 година од страна на редот клариси - женскиот ред „сиромашни дами“ основан од Света Клара, а од 1803 година до почетокот на 80-тите години на 20 век тој бил дом на сестрите визитандинки. Токму овие калуѓерки во 17 век, со помош на локални занаетчии и материјали, го граделе манастирот камен по камен. Четири века подоцна, под водство на Грего, а во соработка со архитектонски и студија за внатрешен дизајн и по 10 години реставрација, крилата на манастирот биле обновени, враќајќи ја изгубена слава на зградата. Сето ова со почитување на историјата и со цел не само повторно користење на зградата, туку и оживување на нејзиниот дух.


Манастирот отсекогаш бил место за размислување, но и место за средби на луѓе од сите сфери на животот, каде што жителите и патниците доаѓале да земат билни лекови или да купат свеж, топол леб од манастирската печка. Ова чувство на гостопримство, споделување и топлина не е изгубено. Просторот сè уште зрачи со љубезност и спокојство и продолжува да биде место за средби на луѓе од целата планета. Всушност, била создадена и четврта зграда, изработена од дрво и природни материјали што самите калуѓерки ги избрале. Предизвикот, секако, бил голем: Може ли светиот простор да добие нов живот без да го издаде својот идентитет?

Архитектите и конзерваторите што го презеле проектот следеле филозофија на дискретна интервенција, при што секој нов додаток го почитува оригиналниот дизајн, со цел да се зачува чувството за време. Резултатот е уникатно архитектонско искуство.

Непретенциозен луксуз

Концептот на луксуз во хотелот „Ди Куван“ не е претенциозен. Тој се базира на квалитет и создавање искуства. Секоја соба и апартман се дизајнирани како посебен универзум на внатрешен мир. Опсегот на соби е широк: од соби во манастирски стил, до соби со балкон, со поглед на градината, градот или морето.

Во зелен простор од 4 хектари, градината изгледа како скриено богатство. Маслинки, кајсии, лимони, мајчина душица и десетици други видови растенија сочинуваат уникатен пејзаж.

Дворот има форма на мал плоштад, каде што се одржува локален пазар, па посетителите и жителите купуваат производи од локални производители.

Хотелот е дизајниран имајќи ги предвид принципите на одржливост: енергетска автономија, употреба на локални материјали, само локални и сезонски производи, собирање дождовница за потребите на градината и зелени површини што ја оживуваат манастирската средина.

Извор: euronews.rs

Фото: Platform X screenshot

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот