X
 23.11.2023 Живот

Потребата од здравствен персонал во Словенија отвора можности за вработување кадри од регионот и од Македонија

Со Татјана Тушар, која е дел од менаџментот на „Сплошна болница Јесенице“ (Општа болница Јесенице), Словенија, разговараме за актуелните состојби во јавниот здравствен систем, за потребата од медицински персонал и условите за работа на странци во здравствениот сектор на Словенија.

Колку години работите во Општата болница во Јесенице? Како ги оценувате актуелните состојби во словенечкиот здравствен систем?

Вработенa сум во Општата болница Јесенице од 1990 година, главно во одделот за човечки ресурси, а од 2016 година како раководител на секторот за организација и персонал. Во сите овие години имаше периоди на недостиг на одредени кадри, но никогаш до тој степен за недостигот на одредена професија да доведе до затворени позиции во некои оддели. Во изминатото лето фокусот беше ставен, пред сè, на вработување на здравствени кадри. Сегашната состојба е сериозна, тешка и бара голем труд, посветеност, доследност и решителност од сите вработени за да можеме да обезбедиме непречена грижа за пациентите.

Интересот кај медицинските работници во Македонија за работа и живот во Словенија се зголемува во последните години. Колку ваков стручен кадар ѝ е потребен на Словенија? Дали можеби веќе имате македонски лекари и друг медицински персонал токму кај вас?

Не можеме да коментираме за целата земја, но можеме за нашата болница. Во моментов, за непречено функционирање ни требаат најмалку 20 медицински техничари и 6 дипломирани медицински сестри. Ако сакаме да отвориме одделенија кои сè уште се затворени, ќе ни требаат најмалку 40 дополнителни медицински сестри со средно или дипломирани медицински сестри. Би ни биле потребни и доктори специјалисти, особено од областа на радиологијата, технички работници со завршен V или повисок степен и готвачи со IV или V степен. Тешко е да се зборува за точни бројки бидејќи персоналот е жива материја и овие бројки се менуваат секојдневно.
Од Македонија, во моментов имаме двајца вработени: еден медицински техничар и еден доктор на специјализација. Ние сме презадоволни од нив и цениме дека и тие со задоволство работат за нас.

Кои се условите за вработување на медицинскиот персонал од Македонија и за нивно вклучување во словенечкото општество? Дали работата како медицинско лице во Словенија вклучува континуирано професионално усовршување, обука, можности за напредување во кариерата?


За самостојно извршување медицински услуги, лекарите мора: а) да имаат соодветно образование и обука - квалификација; б) да бидат запишани во регистарот на лекари;
в) да имаат лекарска лиценца – дозвола за самостојно вршење медицински работи од одредена стручна област; г) познавање на словенечки јазик на ниво Ц1 усно и писмено на ниво Б2, според Заедничката европска јазична рамка.
За медицинските сестри со средно или високо образование, потребни се: а) евалуација на образованието во центарот ENIC-NARIC; б) признавање на професионална квалификација;
в) познавање на словенечки јазик на ниво Ц1 за дипломирани медицински сестри и за сестрите со средно, на ниво Б2 според Заедничката европска јазична рамка.
Сите тие мора да добијат дозвола за работа и престој во Словенија. Тие самите треба да договорат некои процедури, а во одредени случаи и ние им помагаме или ги водиме. Администрацијата се поврзува и со околната заедница за што полесно и побрзо да се реши станбеното прашање, да им се помогне за градинка и училиште. Во нашата болница секој вработен може да добие дополнителна едукација во својата област на стручност. Притоа, кофинансираме и образование за стекнување формално образование, образование со работа. Исто така, стипендираме млади луѓе од областа на здравството.



Колкави се платите на медицинскиот персонал во Словенија, во однос на тоа дали се доволни за добар живот?


Минималната плата на секој вработен во Словенија е 1.203,36 евра бруто-основа. Во нашата болница оваа плата ја добиваат работниците почетници од V тарифна група и работниците со пониско стручно образование или без образование. Почетниот опсег на плати за дипломираните студенти е различен, за медицинските сестри од 1.746,13 евра до 2.209,43 евра основна бруто-плата (без надоместоци за ноќна/смена работа, дежурства, работа за време на празници, викенди итн.), а лекарите специјалисти имаат опсег од 3.144,70 евра до 5.889,96 евра од основната плата (без надоместоци за ноќна/смена работа, дежурство, работа на празници, викенди итн.). Платите во здравството се добри од гледна точка на животните трошоци, а некои и многу добри.

Дали сето ова значи дека заинтересираните македонски медицински лица имаат отворена покана за работа и живот во Словенија?

Да, секако, а од 27 до 29 ноември, понеделник, вторник и среда, сме во Скопје, Прилеп и Битола, каде што во рамките на настаните „Живот и работа во Словенија“ ќе ги пречекаме сите што ќе дојдат на нашиот штанд. Ќе им ги дадеме сите информации за вработување во нашата Општа болница Јесенице, каде сме и кои сме. Можам да напоменам дека веќе сме во процедури за ангажирање на заинтересираните лица кои ги запознавме пред еден месец, на настаните за вработување во Босна и Херцеговина.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот