X
 24.02.2025 Живот

Овие делови од Германија ќе бидат најтешко погодени од недостигот на работници

Од сите 16 германски сојузни покраини, само Берлин и Хамбург до 2040 година ќе забележат раст на работоспособното население, покажа нова студија. На истокот од земјата му се заканува најголем пад.

Извештајот што во средата го претстави Институтот за истражување на вработувањето (ИАБ) покажа дека демографските промени ќе ја загрозат и југозападната покраина Сар.

Најголем пад на работоспособното население се очекува во источната сојузна покраина Тирингија, и тоа до 15,8 отсто до 2040 година.

Од ИАБ предвидуваат дека бројот на работно активни лица од 47,1 милиони во 2023 година, до 2040 година ќе падне на 46 милиони. Трендот ќе варира по региони, велат експертите.

Најмногу ќе се вработува во Берлин, Хамбург и покраината Хесен, додека во источните покраини, не сметајќи го главниот град, ќе има малку или воопшто ќе нема нови работни места.

Пропорционално, најмногу работни места ќе исчезнат поради структурните промени и недостигот на работна сила. Меѓутоа, поради стареењето на населението, до 2040 година во социјалниот сектор и здравството се очекува отворање на околу 600.000 нови работни места.

Истовремено, помалку работници ќе бидат потребни во индустријата, државните служби, трговијата и градежништвото.

Енцо Фебер, експерт од ИАБ, истакна дека ако Германија сака да ја одржи силата на својата економија, мора да вложи напори во регионите што бележат пад на населението. Во спротивно, постои ризик од започнување негативна спирала.

-Кога во некое подрачје живеат помалку луѓе, јавната инфраструктура не се развива, што може да доведе до уште поголемо иселување - изјави тој.

Експертот гледа потенцијал во постарите лица и жените, кои можат подолго да работат или да го зголемат бројот на работни часови. Исто така, може да помогнат технолошките решенија, како работа од дома, што им овозможува на луѓето од региони со мала работна можност да работат таму каде што се потребни работници, а да не мора да се селат.

Сепак, тој нагласува дека имиграцијата на странските работници е неопходна.

- Тие во Германија често работат под своите можности - истакна Фебер и додаде дека затоа има потреба за брзо признавање на квалификациите, поголема поддршка во учењето на јазикот и дополнителна професионална обука.

Извор: Buka
Фото: Freepik
Подготвил: Билјана Спиркоска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот