X
 24.05.2018 Образование

Македонски средни училишта со најдобри и најлоши оценки

Сме имале години кога просекот ни бил и 4,2 и 4,3. Искрено сметам дека секој просек под 4 за нас не е на задоволително ниво – вели директорот на гимназијата „Корчагин“


Учениците од скопските гимназии „Орце Николов“ и „Раде Јовчевски-Корчагин“ лани добиле најмногу петки. Во „Орце“ средната оценка на училиштето е 4,18, со што и официјално е најдобро средно училиште ако се земат предвид оценките на учениците. И битолската, кумановската и охридската гимназија имаат сличен просек.
Битолската гимназија „Јосип Броз-Тито“ има просек од 3,94. Охридската гимназија „Св. Климент Охридски“ лани имала просечна оценка 3,92, а кумановската гимназија „Гоце Делчев“ 3,90.

За гимназија, секој просек под 4 не е добар

Директорот на гимназијата „Орце Николов“, Митко Димовски, беше пријатно изненаден кога разбра дека учениците од ова училиште имаат најдобри оценки во цела земја.
- Ова е прекрасна вест за нас. Успехот на училиштето се должи, пред сѐ, на квалитетните ученици и квалитетниот наставен кадар. Сите си ја работат работата успешно, квалитетно и со огромна љубов, па добриот резултат е неминовен – вели Димовски.



Второ средно училиште со највисоки оценки на ниво на Македонија е „Корчагин“, со средна оценка 3,98. Ова не е најдобар резултат на една од најјаките гимназии во Македонија. Директорот Драган Арсовски, кој повеќе години беше на чело на оваа институција, а од скоро е повторно директор, вели дека во минатото просекот секогаш бил над 4.

- Сме имале години кога просекот ни бил и 4,2 и 4,3. Искрено сметам дека секој просек под 4 за нас не е на задоволително ниво. Секако дека ќе анализираме на што се должи намалениот успех на учениците и ќе преземеме соодветни мерки. Иако успехот на едно училиште не се само оценките, важен е и квалитетот на наставата, сепак треба да се обрне внимание и на тоа. „Корчагин“ има традиција на едно од најдобрите училишта во Македонија и така ќе се трудиме да остане – вели Арсовски.



Гимназија „Орце Николов“

Најмалку им се учи на тетовските средношколци

Од охридската гимназија „Св. Климент Охридски“, која лани имала просечна оценка 3,92, веќе неколку години по ред излегуваат најдобрите матуранти. Директорката Весна Цветкоска ни изјави дека школото има долга традиција на „јаки“ ученици.
- Имаме многу солидни ученици што доаѓаат добро подготвени во средно образование, па тука ги продлабочуваат знаењата. Работат со добри и посветени професори. На матурата секогаш имаме одлични резултати и тоа се должи на добрата подготовка. Ги следиме учениците и по матурирањето. Секогаш се први на листите за упис на факултетите, што е потврда за нас дека сме им биле голема поддршка – вели Цветкоска.

Списокот со средната просечна оценка на сите средни училишта во Македонија покажа дека лани најмалку им се учело на средношколците од тетовското „Ѓоце Стојчески“. Тоа има просек од 2,09. И учениците од скопското ,,8 Септември“ имаат послаби резултати, односно просечна оценка од 2,17. Со просек 2,25 е и тетовското „Моша Пијаде“, а со 2,21 е тетовската гимназија „7 Марси“.
Подготвил: Милена Атанасоска-Манасиева/milena.atanasoska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование