X
 24.11.2020 Наша тема

Интервју со Благој Нацоски: За оперите, за адреналинот на сцена, за Македонија, Меркел, фудбалот, за нашата песна...

По 18 години патувања и настапи не е лесно да се седи дома. Ми недостига адреналинот од сцената, од публиката. Што се однесува до мојата ретриверка Ера, јас сум сигурен дека и нејзе ѝ недостигаат патувањата и престоите во разни театри. Особено во Италија, мојата ретриверка е позната во театарскиот свет, меѓу другото, и дебитираше на сцената пред една и пол година, нешто за што пишуваа и италијанските весници. Инаку, да се живее во Џенова, непосредно до морето со убава клима, не е воопшто лошо, тоа многу ми помага во овие месеци, вели Благој Нацоски

Ја отпеавте Аријата на Ленски (Чајковски, Евгениј Онегин) на неодамнешниот концерт со оркестарот „Скопски солисти“. Како си поминавте во Скопје?

- Аријата на Ленски ми е една од омилените арии, замислете, првпат ја отпеав токму во Русија на еден гала-концерт пред неколку години, за време на моето деби таму, кога ја отпеав и операта „Севилски берберин“ од Росини, односно улогата на грофот Алмавива за која добив високо признание. Беше навистина необично да се дебитира едно руско дело, на руски јазик, во земјата од каде што потекнува. Се разбира, на концертот со „Скопски солисти“, посветен на нивниот дваесетгодишен јубилеј, отпеав и други дела. Што се однесува до Скопје, бев отсутен речиси 14 месеци, значи пред сè беше возбудливо да се видам со семејството, никогаш толку долго не сум отсуствувал од Македонија.

Ако порано ретко Ве гледавме на домашната сцена, последниве години тоа не е случај. Лани настапивте во Вердиевата „Травијата“ на сцената на Македонската национална опера, а имавте и концерт во Македонската филхармонија, во придружба на Дино Имери... Како дојде до тоа почесто да настапувате дома?

- Хмм, вие навистина имате таков впечаток? Јас не би рекол, напротив, би сакал повеќе да настапувам во мојата родна земја и тоа по можност во што е можно повеќе градови. Мислам дека тоа ѝ го должам, пред сè, на мојата публика, чија близина секојдневно ја чувствувам благодарение на социјалните мрежи. Инаку, наскоро ќе настапам повторно во Вердиевата „Травијата“ во Македонската опера, а соработката со Дино трае веќе неколку години, така што не можев да не бидам дел од неговиот јубилеј пред две години. Што се однесува до настапи во Македонија, соработката со Дино Имери и слично, еве најавувам дека на 9 декември ќе одржам целовечерен концерт, кој патем беше планиран за април оваа година, исклучиво со дела од македонски композитори, значи публиката ќе има можност да ги чуе прекрасните арии на Прокопиев, Џамбазов, Скаловски, Зографски, Цанев и композицијата „Сон“, која Дино ја компонира специјално за мене, а во оваа пригода ќе биде премиерно изведена со оркестар. По концертот на 9 декември ќе следуваат две вечери со „Травијата“, и тоа на 11 и 12 декември.



Во јули го имавте првиот концерт во Милано откако почна пандемијата. Што се случуваше во меѓувреме, имавте ли настапи, има ли најави за идни концерти, опери?

- За жал, многу малку. Концертот во Милано во јули, 3 претстави во текот на октомври и еден рецитал на почетокот од ноември се единствените настапи на меѓународно ниво што успеав да ги одржам. Оваа година мојата агенда беше навистина преполна и теоретски е така до крајот на годината, но буквално сè ми е откажано, вкупно педесет оперски претстави и концерти низ Италија, Шпанија, Јапонија, Швајцарија итн. Се надевам дека во 2021 ќе успеам да ги реализирам повеќето од овие изгубени настапи. Нашата професија е една од најпогодените од оваа пандемија и во многу земји театрите и концертните сали се затворени, што според мене е апсурдно бидејќи тоа се всушност најсигурните места од епидемиолошка гледна точка: публиката седи на растојание, со маска, се мери температурата на сите при влегувањето итн.

Тогаш настапивте, како што кажавте, по речиси 5 месеци и 30-ина откажани настапи. Како живеете во ова необично секојдневие?

- По природа сум голем оптимист и весел, така што не дозволувам да надвладее некоја апатија кај мене. Се трудам секојдневието да ми биде што е можно поисполнето бидејќи, од друга страна, пак сум хиперактивна личност која не е учена да мирува. Освен спортување, дружби со внимавање во овие месеци имав време да се посветам и на педагошката дејност, односно на неколку одбрани студенти по пеење. Во сиве овие години уметничка дејност сум немал доволно време за држење часови и тоа сум го правел многу ретко. Но некој што се занимава со уметност не може така лесно да се оддалечи од неа, па макар и на одредено време, така што се надевам дека нештата ќе се нормализираат што е можно побрзо.



Ви недостигаат ли честите патувања, настапи или успевате да уживате во времето со вашата ретриверка Ера? Како се живее во моментов во Џенова?

- Како не, по 18 години патувања и настапи не е лесно да се седи дома. Ми недостига адреналинот од сцената, од публиката. Што се однесува до Ера, јас сум сигурен дека и нејзе ѝ недостигаат патувањата и престоите во разни театри. Особено во Италија, мојата ретриверка е позната во театарскиот свет, меѓу другото, и дебитираше на сцената пред една и пол година, нешто за што пишуваа и италијанските весници. Инаку, да се живее непосредно до морето со убава клима не е воопшто лошо, тоа многу ми помага во овие месеци.

Ми се допаѓа што и покрај Вашата неоспорна величина, знаете да се пошегувате, па на пример, да запеете со Цацко Конопишки или со Вашиот брат... Колку е важно да се задржи таа „обичност“, хумор, тој таканаречен народен дух, кога ќе се достигнат највисоките врвови во една професија?

- Ве уверувам дека јас сум уште подуховит отколку што изгледа и, за жал, имам толкувано многу малку комични улоги во оперите досега. Се надевам дека во иднина ќе имам можност да ја покажам повеќе оваа моја особина и на професионален план. Тој позитивен забавен дух е душевна храна за човекот, а кај мене излезе на виделина и на „Фејсбук“ во текот на оние долги карантински денови пролетта. Снимив многу видеа преку кои се забавував со публиката, на еден поинаков начин, а истовремено и го вадев од себе нагонот за пеење. Па ете тој период ќе го паметам и по шареноликиот репертоар на песни и арии кои ги изведов на социјалните мрежи, па дури успеав да ги натерам да запеат со мене Бубо, а потоа и брат ми, што мислам дека излезе симпатично. Ќе ви откријам во оваа пригода дека стапив во контакт и со Кичо Слабинац, со кој требаше да ја отпееме „Због једне дивне црне жене“, но за жал неговата здравствена состојба, а потоа и тоа што се случи, не ни го овозможи тоа.

Важите за голем патриот, веројатно и љубител на фудбалот, гордо објавивте натпис за успехот на Пандев и нашите фудбалери од италијанските медиуми... И по толку години надвор од Македонија, што ја крепи Вашата љубов кон татковината?

- Можеби токму фактот што ги гледам случувања во и околу Македонија однадвор, без пристрасност и без наклонетост кон политичките партии. Силно ме иритираат неправдите што нашата татковина ги доживува во овие години и штета што некои од проблемите не се решија пред дваесетина години кога сè уште низ Европа постоеја поразумни и храбри политички лидери. Сегашната ситуација на Стариот Континент, а и пошироко е навистина разочарувачка. На чело на големите сили стојат катастрофални политичари кои не знаат како да ги решат проблемите во своите земји, а камоли да имаат разбирање за Македонија во однос на глупостите што ги бараат соседите. Ќе се оддалечам малку од темата, ама на пример што се однесува до културата, единствен лидер во Европа кој одржа посебен говор за културата и културните работници во оваа пандемија е Ангела Меркел. Значи може да замислиме кое е нивото на повеќето лидери штом не покажуваат минимум интерес за оваа гранка, па макар нека бидат тоа само зборови.



На социјалните мрежи често интерпретирате стари македонски песни. Во кој дел од Вас лежи македонскиот фолклор?

- Македонскиот фолклор изобилува во мене. Не сум пристрасен ако тврдам дека е еден од најубавите фолклори на светот, а за Балканот и да не зборуваме. Тој ги надминува фолклорите на сите соседни земји и истовремено ја докажува македонската уникатност.

Ги освоивте сцените на најпрестижните оперски сцени во светот, важите за најдобриот и најуспешен македонски тенор на сите времиња... Имате ли уште неостварени желби кога е кариерата во прашање?

- Би сакал наскоро да реализирам неколку албуми како со оперски дела така и со дела што ќе бидат инспирирани токму од македонскиот фолклор. Во контакт сум со неколку дискографски куќи од светот и реализацијата е навистина возможна.

Фото: Маја Аргакијева и архива на Благој Нацоски
Подготвил: Весна Дамчевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема