X
 25.02.2025 Култура

Најнеизвесната трка за „Оскар“: Кој ќе триумфира?

Наградите на Британската академија за филмска и телевизиска уметност (БАФТА), кои често се сметаат за клучен показател за доделувањето на „Оскарите“, не ја расчистија ситуацијата, па завршницата на овогодишната сезона на филмски признанија останува прилично неизвесна.

Остануваат помалку од две недели до церемонијата на доделувањето на „Оскарите“, а вообичаено во оваа фаза предвидувањата за победниците би требало да бидат лесни.

Сезоната на награди традиционално почнува со „Златните глобуси“, кои годинава беа доделени на 5 јануари. По нив, различни филмски здруженија и асоцијации на критичари имаа доволно време да ги наградат своите фаворити, па до вечерта на „Оскарите“ обично е јасно кој ќе однесе најмногу статуетки.

Досега секој знаеше дека „Опенхајмер“ ќе освои некаков „Оскар“ или дека трката за најдобар филм ќе се сведе на дуелот помеѓу „Ла Ла Ленд“ или „Месечева светлина“, „КОДА“ или „Моќта на кучето“.

Но, што ако оваа година е поинаква?

Понекогаш, „Оскарите“ повеќе наликуваат на ретроспектива на претходните доделувања отколку на настан што нуди вистинско изненадување.

Но, не и овој пат.

Како што неколку филмови влегуваат во самата завршница со речиси изедначени шанси, трката за „Оскарите“ оваа година е една од највозбудливите и најнепредвидливите.

Коефициентите постојано се менуваат, различни здруженија носат различни одлуки, а филмските аналитичари и понатаму не можат со сигурност да предвидат кој ќе биде големиот победник.

Наградите
БАФТА ја зголемија неизвесноста

Најгламурозната вечер на британската филмска индустрија се одржа на 16 февруари во Лондон. Но, наместо да разјаснат кој е фаворит за „Оскарите“, наградите БАФТА само ја зголемија неизвесноста.

Филмот „Конклава“ освои награди за најдобар филм, најдобар британски филм, најдобро адаптирано сценарио и најдобра монтажа. На прв поглед ова интелигентно и вешто реализирано филмско остварување на Едвард Бергер, кое се одвива во Ватикан и е базирано на романот на Роберт Харис, е очигледен фаворит за „Оскар“.

Но, неговиот главен актер, Рејф Фајнс, иако се сметаше за сигурен победник, не ја доби БАФТА наградата за најдобар актер. Наместо него, триумфира Адриен Броди за улогата во „Бруталистот“, филм што освои и награда за кинематографија, музика и режија (Брејди Корбет).

Дали тоа значи дека „Бруталистот“ има поголеми шанси за „Оскар“ од „Конклава“?

Можеби. Но, што е со филмот „Анора“?

Оваа динамична драма-комедија на Шон Бејкер освои награди од Здружението на американски режисери (DGA), Здружението на американски продуценти (PGA), Здружението на американски сценаристи (WGA), како и наградата на критичарите (Critics Choice), па во последните неколку недели се наметна како водечки кандидат.

Филмот освои БАФТА за најдобра актерска екипа и најдобра актерка – Мики Медисон.

Пред церемонијата на наградите БАФТА, повеќето аналитичари претпоставуваа дека оваа награда ќе ја освои Деми Мур за улогата во „Супстанција“, или можеби Маријан Жан-Батист за „Болни вистини“ (филм на Мајк Ли), но таа дури не беше ни номинирана за „Оскар“.

Ако 25-годишната Медисон успеа да ги победи своите пославни ривалки, дали тоа значи дека може да ја победи и Деми Мур на „Оскарите“?

И, ако „Анора“ има толку големи шанси, дали тоа значи дека ќе триумфира и како најдобар филм?

Но, само што ќе почнеме да веруваме во тој исход, се потсетуваме дека сите очекуваа Шон Бејкер да ја освои наградата БАФТА за најдобро оригинално сценарио, но таа неочекувано отиде кај Џеси Ајзенберг за „Вистинска болка“.

Неколку категории се веќе решени

Сепак, во некои категории работите се многу појасни.

Киран Калкин ја освои наградата БАФТА за најдобар спореден актер за улогата во „Вистинска болка“, откако веќе доби „Златен глобус“ и низа други признанија. Голема е веројатноста дека веќе има резервирано место за „Оскар“.

Во меѓувреме, филмот „Емилија Перез“ ја освои  наградата БАФТА за најдобар филм на странски јазик, а ѕвездата на филмот, Зои Салдана, беше прогласена за најдобра споредна актерка.

И покрај контроверзиите околу гангстерскиот мјузикл на Жак Одијар во текот на сезоната на награди, филмот има солидни шанси да освои „Оскар“ во овие категории.



Што се однесува до „Боб Дилан: Целосно непознат“, филмот на Џејмс Манголд за младоста на легендарниот музичар и понатаму е високо ценет, па се смета за сериозен кандидат. А Тимоти Шаламе лесно би можел да го победи Броди во трката за најдобар актер.

Но, останува фактот дека „Боб Дилан: Целосно непознат“ не освои ниту една награда БАФТА.

Зошто трката е толку неизвесна?

Главната причина за оваа неизвесност е исклучително силната конкуренција меѓу номинираните филмови.

Последен пат кога имавме ваков баланс на квалитет и разновидност во номинациите беше минатата година. Но, тука е и вториот клучен фактор: додека лани „Опенхајмер“ и „Барби“ беа културни и комерцијални феномени, во последните 12 месеци немаше филм со сличен универзален успех.

Сите номинирани филмови имаат свои поддржувачи, но и критичари.

Единствените сигурни победници се организаторите на церемонијата и публиката што ќе ја следи.

Заборавете на говорите, гафовите и музичките настапи – оваа година вреди да се гледаат „Оскарите“ само поради исходот од гласањето.

Извор: ВВС
Фото: Screenshot/YouTube
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура