X
 25.09.2020 Наша тема

Плодно за печуркарите, кобно за непознавачите. Само 70 грама се доволни да се отруете, вели проф. Митко Караделев

Некои печурки се јадат повеќе пати, а некои само еднаш. Честопати луѓето се шегуваат со оваа поговорка, но експертите велат дека колку што се корисни печурките во исхраната, толку се и опасни и потребна е исклучителна внимателност при нивното собирање, зашто и најискусните печуркари, експериментирајќи, завршиле кобно

Печурки најмногу растат онаму каде што има дабова и букова листопадна шума, но и на големи шумски ливади. Во околината на Скопје печурки се собираат на Скопска Црна Гора и на Водно.
Изминатиот период беше еден од најплодните за собирање печурки, токму поради поволното време, врнежите, но и сончевите денови. Но и сега времето им оди во прилог на собирачите на печурки.
Социјалните мрежи се преплавени со фотографии на кои граѓаните се фалат со бројот на собрани печурки, но многумина од нив, според нивните прашања, не се познавачи на оваа област.
И оваа година не помина без смртен случај како резултат на труење со печурки. Регистрирани биле и повеќе потешки случаи.



Зелена пупавка / Фото: Томе Јовановски

Препознајте ги знаците на труење

Од Клиниката за токсикологија во Скопје велат дека изминатиот еден и пол месец имале повеќе од 10 пациенти што дошле со симптоми типични за труење со храна, а предизвикани од јадења приготвени со тазе набрани печурки.
- Од нив еден беше третиран амбулантски, а останатите беа хоспитализирани. Кај еден пациент исходот од лекувањето заврши со смртност зашто труењето од печурките предизвикало оштетување на црниот дроб и на бубрезите - посочуваат од Клиниката за токсикологија.
Оттаму велат дека најмладиот пациент со симптоми на труење од печурки имал 26 години, а најстариот 67 години. Посочуваат дека симптомите се типични за секое труење со храна, придружени со мачнини, гадење, повраќање и дијареја.
Докторите апелираат ако луѓето ги забележат овие симптоми, а веќе јаделе печурки, веднаш да отидат на лекар зашто отровот од печурките многу често може да предизвика трајно оштетување на црниот дроб, но и на бубрезите.

- Потребна е брза лекарска интервенција зашто труењата од печурки многу често завршуваат фатално - додаваат докторите.

40 отсто од затруените завршуваат фатално

Токсикологот д-р Андон Чибишев од Клиниката за токсикологија во Скопје вели дека пред две години правел истражување за труењата со печурки, кое потоа го преточил во студија. Искуството и статистиката со труења од печурки покажале дека двапати во годината има зголемен бран на отруени од печурки, веројатно зашто во тие периоди тие растат во поголем број, па луѓето ги берат.


Д-р Андон Чибишев

Д-р Чибишев вели дека во земјава растат речиси сите печурки што можат да се најдат насекаде во светот, односно можат да се најдат околу 5.000 значајни печурки. Од нив стотина се отровни, а десетина, пак, се многу отровни диви печурки.

- Најчесто кај нас најмногу проблеми за човекот предизвикува печурката амонита фалоидес, која личи на шампињоните. Првите симптоми на труење од неа се појавуваат по 10 часа, придружени со гадење, повраќање и дијареја. Ако не се реагира навреме, по 40 часа можат да се јават поголеми проблеми, односно големо количество од отровот да се задржи во црниот дроб и на тој начин да го оштети. Потоа почнува да се јавува неправилна работа на мозокот, односно халуцинации или агресија. Следно откажува работата на бубрезите и на другите органи - објаснува Чибишев.

Докторот посочува дека во 40 отсто од случаите на затруени со оваа печурка исходот е смртен случај.
- Пациентите се спасуваат со трансплантација на црн дроб, но тоа не секогаш може навреме да се направи - додава докторот.

Во сеќавање му е случајот со затруено деветчлено семејство од Тетово, чии двајца членови го загубија животот.

Само 70 грама се доволни да се отруете

Еден од поголемите познавачи на печурките во земјава е Митко Караделев, професор по микологија на Природно-математичкиот факултет во Скопје, кој вели дека не треба да бидеш професионалец за да собираш печурки, но сепак мора да ги разликуваш основните видови печурки во земјава. Според него, луѓето обично собираат јајчарка и вргањ, кои тешко можат да се помешаат со други отровни видови што можат да бидат фатални за човекот.

ДАЛИ ЗНАЕТЕ: Која е најотровната печурка во Македонија

Посочува дека тука е и печурката наречена зелена пупавка, која е слична со шампињоните и може да предизвика смрт кај човекот.


Проф. Митко Караделев

 - Ако изедете и 70 грама од оваа печурка, а тоа се само две печурки, можете да завршите фатално. Мора многу да се внимава, со другите печурки да не ја помешате и оваа - посочува професорот.

Во Македонија има над 2.000 печурки кои можат да се видат со голо око. Од нив околу 300 вида можат да се јадат, но според професорот, има разлика во нивниот квалитет.

Зелена пупавка / Фото: Томе Јовановски

- Печурките се корисни за организмот. Имаат многу протеини и минерали и малку шеќери. Сепак, тие не смеат да се јадат во големо количество зашто се тешко сварливи и содржат хитин. Не смеат да бидат главна исхрана, туку само додаток во исхраната – додава професорот.

Не верувајте во сè на социјалните мрежи

Сепак, тој и неговиот тим од факултетот нашле и два вида печурки во земјава за науката, кои ги потврдиле со молекуларни анализи. Една од печурките ја нарекле македонска ѕвездичка.
Посочува луѓето да не ги берат печурките според слика поставена на социјалните мрежи.

- Во групата на „Фејсбук“ забранивме да се објавуваат слики од печурки на кои се прашува дали смеат да се јадат или не зашто со тоа може да се направи фатална грешка - нагласува Караделев.

- Имаме и група на социјалната мрежа „Фејсбук“ која е наменета за размена на искуства на оние што сакаат да се занимаваат со печурките. Овој период е погоден за берење печурки поради големите врнежи, но и поради топлото време - вели професорот Караделев.
Подготвил: Радмила Заревска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема