X
 25.09.2020 Живот

Шведска ги претвора домовите во енергетски станици

До 2030 година речиси една третина од целата енергија што се троши во земјите-членки на Европската Унија треба да доаѓа од обновливи извори, според целите договорени во 2018. Шведска веќе работи на случајот и има цел да произведува енергија само од обновливи извори до 2040, а еден начин да го постигне тоа е трансформацијата на домовите во енергетски станици.

Многу домови во Шведска произведуваат и ја трошат енергијата што ја произвеле. Истовремено, локални постројки го користат вишокот на енергија за да произведат над 75% од топлината што им е потребна на шведските домаќинства. Земјата има релативно пристапни цени за електрична енергија и покрај највисоките даноци за јаглероден диоксид во светот.


Фото: Pixabay

Затоа Шведска води во поглед на енергетската транзиција. 54% од енергијата што се троши во Шведска се произведуваат со обновливи извори, а географијата има главна улога тука. Во Шведска има многу реки и 63% од земјата се покриена со шуми, па затоа главните обновливи извори се хидроцентралите и биомасните постројки.

Во земјата енергијата најмногу се користи за загревање. Последните години енергетските компании почнале да користат обновливи извори за да ги напојуваат локалните централи за греење. Вакви локални централи постојат во Шведска од 1948. Тие се користеле за загревање на зградите во близина од вишокот топлина од енергетските централи.

Денес има околу 500 вакви централи низ земјата што обезбедуваат топлина за домовите и фирмите. Во последните години ваквите централи се главните извори за загревање на домовите. Освен тоа, во Шведска самите домови произведуваат електрична енергија.



Во градот Лудивика домовите биле обновени со најнова технологија за енергија. 48 стана во 3 згради добиле фотоволтаични соларни панели, системи за складирање топлинска енергија и топлински пумпи. Микроенергетска мрежа ги поврзува овие системи и помага во полнењето на електричните автомобили на жителите преку ноќ. Овие згради произведуваат повеќе енергија отколку што трошат. Истиот модел веројатно ќе се примени и на други места во земјата.

Ова и други решенија за производство на обновлива енергија претставуваат радикална алтернатива на централизираните енергетски системи на кои се потпираат многу земји денес.

Автор: Хери Кречмер
Извор: weforum.org
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот