Според податоците од истражувањето што го спроведе „Номад капиталист“, обликувана е листата со најдобри земји за живеење. На самиот врв на листата се најде Монако, второто место ѝ припадна на Андора, а ниту другите земји во топ-10 нема да ве изненадат.
Во истражувањето се анализирани 63 држави во светот според пет клучни критериуми: природата и климата, даночниот систем, можностите за престој и пристап, безбедноста и граѓанските слободи, како и квалитетот на животот и инфраструктурата.
Притоа се земени предвид различни фактори, меѓу кои се и квалитетот на воздухот, ризикот од екстремни временски услови, можностите за добивање дозвола за престој и државјанство, нивото на безбедност, очекуваниот животен век, трошоците за живот и брзината на интернет-врската.
Секоја дестинација е оценета со најмногу 100 бода во секоја од петте категории, а врз основа на тие резултати е пресметана вкупната оцена. Разликите меѓу трите првопласирани дестинации беа многу мали – Монако, Андора и Обединетите Арапски Емирати ги делеа едвај 0,74 бода.
Монако на врвот
Монако го зазеде првото место со вкупно 73,89 бода благодарение на одличните резултати во категоријата квалитет на живот и инфраструктура. Беше единствената дестинација која во таа категорија освои максимални 100 бода, а високо се пласира и во категоријата безбедност и слободи.
Второто место ѝ припадна на Андора, која освои 73,68 бода. Оваа мала европска држава се истакна во категоријата безбедност и слободи, а го оствари и четвртиот најдобар резултат во категоријата природа. Според истражувањето, Андора го има најчистиот воздух меѓу европските дестинации опфатени со индексот. Минус ѝ се условите за стекнување државјанство – тоа може да се побара дури по 20 години престој во земјата, со полагање испит по јазик и историја.
Третото место го зазедоа Обединетите Арапски Емирати со 73,15 бода.
Малта го зазеде четвртото место со 72,11 бода. Меѓу нејзините предности се истакнуваат силниот пасош и можноста за стекнување државјанство со натурализација по пет години. Сепак, послабите оцени во категориите даночен систем и квалитет на живот и инфраструктура негативно влијаеја врз нејзиниот вкупен резултат.
Португалија се најде на петтото место со 70,09 бода. Оваа земја со години е популарна меѓу дигиталните номади и луѓето што сакаат да живеат и да работат на далечина. Добро е оценета во категориите безбедност и слободи, можности за престој и пристап, како и даночен систем.
Шестото место го зазеде Кипар со 68,42 бода. Особено се истакна во категоријата престој и пристап, во која го зазеде второто место. Меѓу неговите предности се силниот пасош и можноста за стекнување државјанство со натурализација по седум години, а меѓу недостатоците води инфраструктурата.
Во првите десет се најде и Швајцарија, која го зазеде десеттото место со 65,44 бода, а особено добри резултати оствари во категоријата безбедност и слободи.
Десет најдобри земји за живеење:
Монако – 73,89 бода
Андора – 73,68 бода
Обединети Арапски Емирати – 73,15 бода
Малта – 72,11 бода
Португалија – 70,09 бода
Кипар – 68,42 бода
Сингапур – 67,12 бода
Кајмански Острови – 66,50 бода
Нов Зеланд – 66,43 бода
Швајцарија – 65,44 бода
Резултатите од истражувањето покажуваат дека Европа држи висока позиција меѓу најпривлечните дестинации за живеење. Дури шест европски земји се најдоа меѓу десетте најдобро рангирани.
Сепак, ранг-листата не го зема предвид само секојдневниот животен стандард, туку и даночното оптоварување, можностите за добивање дозвола за престој и државјанство, безбедноста, квалитетот на инфраструктурата и изложеноста на климатски ризици.
Фото: