Во „Нетфликс“ и оваа година имаат големи надежи дека некој од нивните филмови ќе биде номиниран за престижниот „Оскар“. Потенцијалната листа, како и категориите во кои можат да се најдат филмовите, ја состави екипата на „NextBestPicture“ по гледање на филмовите чија премиера се случи по 1 март годинава.
1. „Моќта на кучето“ (The Power of the Dog)
Oвој вестерн-филм е заснован на книгата на Томас Севиџ. Претставува проект напишан и режиран од Џејн Кемпион и вклучува големи актерски имиња како Бенедикт Камбербач и Кирстен Данст.
Заплетот го следи харизматичниот ранчер Фил Бурбенк (Бенедикт Камбербач) кој предизвикува страхопочит кај луѓето околу него. Кога неговиот брат (Џеси Племонс)
ќе донесе нова сопруга (Кирстен Даст) и нејзиниот син (Коди Смит-Мекфи), Фил е суров кон нив додека не биде изложен на можноста за љубов.
Категории во кои се очекуваат номинации: најдобар филм, најдобар режисер, најдобар главен актер, најдобро адаптирано сценарио, најдобра фотографија, најдобра монтажа, а потенцијално, Кирстен Данст може да добие и номинација за најдобра споредна женска улога.
2. „Не гледај нагоре“ (Don't Look Up)
Долгоочекуваниот филм на Адам Мекеј, „Не гледај нагоре“ на стриминг-платформата пристигнува на самиот Божиќ. Во него се појавуваат актерите од А-листата: Леонардо ди Каприо, Џенифер Лоренс и Тимоти Шаламе, така што „NextBestPicture“ верува дека овој филм има многу добри шанси да биде номиниран.
Заплетот на филмот следи двајца астронаути кои тргнуваат на огромна медиумска турнеја за да го предупредат човештвото за приближувањето на комета која ќе ја уништи Земјата.
Категории во кои се очекуваат номинации: најдобар филм, најдобар главен актер, најдобра женска споредна улога, најдобро оригинално сценарио, најдобра монтажа.
3. „Изгубената ќерка“ (The Lost Daughter)
Режисерското деби на Меги Џиленхал е базирано на истоимениот роман на Елена Феранте. Главната улога ја доби актерката Оливија Колман, со која во филмот се појавуваат ѕвезди како Дакота Џонсон и Питер Сарсгард.
Во оваа психолошка драма заплетот ја следи Леда (Оливија Колман) која оди на плажа со цел да се опушти, но нејзиниот одмор завршува кога таа почнува да се соочува со неволјите од своето минато.
Категорија во која се очекува номинација: најдобра главна актерка.
4. „Тик, тик... бум!“ (tick, tick... Boom!)
Овој филм е музичка драма во режија на Лин-Мануел Миранда, а главната улога ја игра Ендру Гарфилд. Покрај него, од попознатите имиња се Ванеса Хаџенс и Бредли Витфорд.
Во филмот, надежниот млад театарски композитор Џонатан Ларсон (Ендрју Гарфилд) се обидува конечно да изведе мјузикл што го пишувал осум години.
Категории во кои се очекуваат номинации: најдобар главен актер, најдобра монтажа.
5. „Мишел наспроти машините“ (The Mitchells vs the Machines)
Анимираниот семеен филм е во режија на Мајкл Риандо и Џеф Роу. Гласовите во филмот ги дадоа познати актери како Оливија Колман, Маја Рудолф, Дени Мекбрајд, Џон Леџенд и Криси Тајген.
Заплетот на овој филм го следи патувањето на едно необично семејство кое е неочекувано прекинато по апокалипсата предизвикана од телефоните.
Номинирана категорија: Најдобар анимиран филм.
6. „Виво“ (Vivo)
Уште еден анимиран филм кој предвидува потенцијални номинации е оној во режија на Кирк Демико и Брендон Џефордс. Некои од актерите кои го позајмуваат гласот на ликовите се Лин-Мануел Миранда, Зои Салдана, Лесли Дејвид Бејкер и Дени Пино.
Режисерот ветува дека филмот ќе ја одведе публиката во епска авантура каква што досега не е видена во анимацијата.
Номинирана категорија: најдобар анимиран филм.
7. „Божјата рака“ (The Hand of God)
Италијанскиот филм „Божјата рака“ е во режија на Паоло Сорентино и досега има освоено многубројни награди. Ќе биде достапен на „Нетфликс“ од 15 декември, а главните улоги ги толкуваат Филипо Скоти, Тони Сервиљо и Тереза Сапонаџело.
Во филмот, заплетот ја следи приказната за момчето Фабиета во Неапол во 80-тите. Ја раскажува приказната за судбината и семејството, спортот и киното, љубовта и загубата.
Категорија во која се очекува номинација: најдобар странски филм.
Инаку, 94. доделување на „Оскарите“ ќе се одржи на 27 март 2022 година во холивудскиот театар „Долби“, а официјалните номинации ќе бидат објавени на 8 февруари.
Фото: Screenshot/YouTube