X
 25.11.2025 Живот

Дали знаете како изгледал првиот паметен телефон

Замислете свет без „Инстаграм“, „Гугл мапс“ или „Вацап“. Свет каде што телефоните се користат исклучиво за разговор, а ако сакате да испратите пишан документ, мора да најдете факс-машина. Токму во таков свет, поточно, во 1992 година, во блескавиот Лас Вегас се случи нешто што засекогаш го промени начинот на кој комуницираме. На саемот за компјутерска технологија „Комдекс“, ИБМ претстави уред кој изгледаше како научна фантастика – „ИБМ сајмон персонален комуникатор“.

Иако терминот „паметен телефон“ сè уште не постоеше (терминот беше измислен дури во 1997 година), „сајмон“ беше токму тоа - првиот уред што успешно ги комбинираше функционалностите на мобилен телефон и личен дигитален асистент. Пред повеќе од три децении идејата за уред без физички копчиња, со екран на допир, беше чудо.

Чудото на технологијата без копчиња

Прототипот прикажан тој ден во Лас Вегас го носел кодното име „свитспот“. Френк Канова, главен архитект и пронаоѓач во ИБМ, стоеше зад оваа револуционерна идеја. Канова сфати дека напредокот во технологијата на чипови и безжичните мрежи овозможува создавање помали, интегрирани уреди. Неговата визија не беше само да создаде телефон, туку „личен комуникатор“ што ќе им овозможи на деловните луѓе да ја носат својата канцеларија со себе.

Она што го направи „сајмон“ посебен беше неговиот монохроматски ЛЦД-екран на допир од 114x36 мм. Корисниците можеа да го користат и пенкалото што се добиваше со телефонот за да се движат низ менијата, да пишуваат белешки или да одбираат броеви. Во време кога мобилните телефони имаа мали екрани и многу гумени копчиња, ИБМ нудеше чист екран.

Уредот имаше 11 вградени програми. Покрај телефонските повици, „сајмон“ можеше да испраќа и да прима факсови и е-пошта, што беше клучна предност во деловниот свет во 90-тите години. Имаше адресар, календар, калкулатор, светски часовник, па дури и можност за пишување белешки рачно на екранот. Интересен детаљ е што за време на првата демонстрација приказот на цената на акциите всушност беше статична слика скенирана од весник бидејќи безжичниот пренос на податоци во реално време сè уште не беше подготвен за комерцијална употреба.

Батеријата била кошмар


Од денешна перспектива, „сајмон“ бил вистинска цигла. Тежел околу 510 грама, што е приближно колку тежината на три денешни „ајфони“ наредени еден врз друг. Неговите димензии од 200 мм во висина и 38 мм во дебелина го правеле несоодветен за носење в џеб. Сепак, најголемиот проблем не била големината, туку батеријата.

Додека денес се жалиме ако нашиот мобилен телефон не издржи цел ден интензивна употреба, никел-кадмиумската батерија на „сајмон“ нудела само еден час време за разговор или активна употреба. Кога не се користела активно, можела да трае околу осум часа. За деловните луѓе кои требало да бидат достапни цел ден, ова било големо ограничување.

Скапа играчка пред своето време

Иако беше претставена во 1992 година, комерцијалната верзија не се појави во продажба сè до август 1994 година.. Цената беше астрономска. Со двегодишен договор, „сајмон“ чинеше 899 долари, што денес би било над 850 евра, но земајќи ја предвид инфлацијата, реалната вредност на таа сума денес би била над 2.000 евра. Без договор, цената потоа скокна на 1.099 долари (околу 1.040 евра).

Поради високата цена, краткото траење на батеријата и технологијата што пошироката јавност сè уште не ја разбираше, „сајмон“ не стана хит. Само околу 50.000 единици беа продадени пред да биде повлечен од пазарот во февруари 1995 година.

За споредба, „епл-1“, првиот персонален компјутер, продаде само 200 единици, па продажбата на „сајмон“ во овој контекст може да се смета за успех за пионерски производ.

Извор: 24sata.hr

Фото: YouTube screenshot

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот