X
 26.02.2016 Наука

Експертите тврдат: Не е разумно работниот ден да почнува од 8 наутро

Ако секое утро го одложувате алармот за подолго време да останете во кревет, немојте да се чувствувате виновни. За тоа воопшто не сте виновни вие, туку начинот на кој работите.

Се` поголем број на истражувања го поддржуваат фактот дека на голем дел од луѓето не им се поклопува ритамот наметнат од страна на компаниите бидејќи не е синхронизиран со нашиот природен биолошки часовник. Експертите се` повеќе предупредуваат за тоа.

Сонот е стратешки ресурс на секоја личност, а компаниите тоа го занемаруваат, судејќи според упатствата на Кристофер Барнс, професор по менаџмент на Универзитетот во Вашингтон, поточно Фостер школата за бизнис.

Но не станува збор само за количината на спиење. Колку ќе бидете продуктивни во 8 часот наутро зависи од вашиот деноноќен ритам. Секој организам - од примитивните бактерии до човекот има биолошки одреден, внатрешен часовник, вели Тил Роенеберг, професор на Институтот за медицинска психологија при Универзитетот Лудвиг-Максимилијан во Минхен. А тој часовник е многу различен од човек до човек.

„Слично е и со нозете. Некои имаат големи стапала, а други мали, но повеќето спаѓаат во просекот“, вели Роенеберг.

Вели дека проблем е и тоа што луѓето воопшто не размислуваат за деноноќниот ритам, односно важноста на природната светлина и нејзиното влијание врз човечкото тело. Многу компании работниот ден го започнуваат во 8 или 9 часот што не ги следи потребите на повеќето луѓе.

Неусогласеноста помеѓу внатрешниот часовник и распоредот на обврски кои луѓето ја имаат, веќе започнуваат во адолесценцијата, тврди Пол Кели од Институтот за сон и деноноќен систем во Оксфорд.

Како што луѓето стареат, така нивниот часовник се движи назад и тие често стануваат порано, но Кели вели дека поголемиот дел од населението кое работи и понатаму станува прерано. Верува дека би било идеално кога работниот ден би започнувал во 10 часот наутро.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука