X
 26.02.2020 Образование

Најдобрите бесплатни онлајн-курсеви за обработка на податоци

Не мора да трошите цело богатство и да студирате со години за да започнете кариера во областа на обработката на податоци. Побарувачката за ваквите експерти расте, па затоа се вработуваат и професионалци без формално образование од областа. Овие луѓе ги користат своите вештини и своето знаење за да анализираат податоци и да ги предвидат трендовите во иднината за клиентите. На интернет има многу ресурси што може да ви помогнат да ги научите овие вештини. Во продолжение следуваат некои бесплатни онлајн-курсеви што може да ги слушате.

Почетен курс за наука за податоци на Универзитетот „Џон Хопкинс“

Курсот нуди преглед на науката за податоци, начинот на кој функционира таа и нејзините примени. Станува збор за вовед во техничката страна на науката за податоци и ќе ви помогне да ја видите големата слика. Курсот е краток и може да се заврши за помалку од една недела.

Вовед во наука за податоци од „Алисон“

Курсот ги претставува основните теми во процесот на обработка на податоци, а нуди и вовед во машинско учење. Тој е поделен во три модули што се завршуваат за вкупно девет часа.


Фото: Pixabay

Основи на науката за податоци и машинско учење од „Мајкрософт“

Курсот е наменет за оние што сакаат да си ги зголемат шансите за напредок во кариерата. Тој нуди практично и теоретско знаење, а се бара претходно знаење од некои програмски јазици, како „Пајтон“.

Наука за податоци од „Датаквест“

Оваа платформа порано не беше бесплатна, но сега нуди бесплатни воведни модули за секој што ќе направи профил. Нејзиниот курс за наука за податоци покрива теми како работа со податоци, визуализација итн.

Наука за податоци од „Харвард“

Материјалите и предавањата на овој курс на „Харвард“ се достапни бесплатно. На крајот нема да добиете диплома од престижниот универзитет, но курсот е детален и ќе ве направи експерт. Курсот е дел од програма наменета за студенти со претходно знаење од областа на програмирањето, математиката и статистиката. Но, има предавања што може да ви помогнат да го добиете ова предзнаење.


Фото: Pixabay

Вовед во наука за податоци во „Пајтон“ на Универзитетот во Мичиген

Оние што се сериозни кога станува збор за работата со оваа наука знаат дека „Пајтон“ е еден од најчесто користените програмски јазици во таа област. Едноставно е да се научат основите на јазикот, а овој курс претставува прв чекор. Со него ќе научите да манипулирате со големи бази на податоци со „Пајтон“. Потребни се три до шест часа неделно за учење и работа на вежбите, а курсот трае четири недели.

Наука за податоци со Р на Рем Реди

Овој курс го води експертот во програмскиот јазик Р и анализа на податоци, Рем Реди. Курсот се смета и како воведен во јазикот. Како и „Пајтон“, и овој програмски јазик е јазик кој се смета за стандарден од страна на оние што работат со анализа на податоци. Курсот се состои од 10 предавања, односно 8 часа видео.

Вовед во наука за податоци со „Пајтон“ од Ракеш Гопалакришнан

Станува збор за еден од најдобро рангираните воведни курсеви на „Јудеми“ кога станува збор за науката за податоци и програмирањето во „Пајтон“. Не е потребно претходно знаење или искуство.

„Научете да ја сакате статистиката“ од Универзитетот во Нотр Дам

Статистиката е една од основните академски дисциплини што се користат од оние што работат на анализа на податоци. Курсот почнува од основните термини и техники. Објаснува како се користи статистичкиот пристап за да се искористат информациите што ги имаме.

Автор: Бернард Мар
Извор: Forbes.com
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование