X
 26.02.2025 Живот

Нова атракција во Италија: Ќе се обновува стадион до езерото Комо

Меѓународното архитектонско студио „Попјулес“ ги откри плановите за реновирање на стадионот „Џузепе Синигаља“, кој вклучува и регенерација на околниот урбан пејзаж покрај езерото Комо во Северна Италија.

Стадионот, кој првобитно е отворен во 1927 година и е дом на фудбалскиот клуб „Комо 1907“, кој сезонава повторно се натпреварува во елитната Серија А, ќе биде надграден во мултифункционално место за спортски и други настани.

-Реновирањето на стадионот треба да се гледа како делот што недостига во целосната ревитализација на крајбрежната област на градот Комо. Целта на проектот е да стане силен двигател за обновување на сите околни отворени простори - рече Силвија Прандели, сениор-директорка во „Попјулес“

Таа изјави дека по реновирањето стадионот ќе стане помодерен, мултифункционален и ефикасен објект способен да биде домаќин на големи, меѓународно значајни настани.

Иако проектот не е финализиран, презентираните рендери покажуваат дека стадионот ќе остане во конвенционална форма со четири вообичаени трибини, а трибината покрај езерскиот брег ќе има скалест покрив со поглед на површината на водата.



Идејата на студиото е подобро да го поврзе стадионот со центарот на градот Комо, но истовремено и да ја истакне убавината на неговата позиција на работ на езерото, каде што е опкружен со историски градби.

-Неговата единствена панорамска локација на езерото, помеѓу градините на Темпио Волтијано и блиску до историски градби, е од големо значење. Тоа е одличен пример за интеграција на спортската архитектура и урбаниот контекст - посочи Прандели.

Сепак, преку спроведената анализа, од студиото дошле до заклучок дека стадионот во моментов се доживува како изолирано место, кое е периферно ориентирано во однос на центарот на градот.

-Проектот за реновирање, кој всушност е проект за урбана регенерација, повторно ќе го поврзе стадионот со структурата на градот, претворајќи ја областа во нов стратешки центар за Комо, истовремено почитувајќи ги неговите социјални, еколошки и пејзажни карактеристики - истакна директорката.

Извор: Gradnja
Фотографии: Populous
Подготвил: Билјана Спиркоска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот