Италија реши сериозно да се позанимава со овој проблем, па од крајот на 2024 година земјата на брзите автомобили и тесните улици воведе значително построги казни за сите што користат мобилен телефон додека возат.
Првите резултати говорат сами за себе: речиси 9.000 возачи останале без дозвола во само три месеци. Пораката на владата е јасна: секој што испраќа пораки или зборува на телефон додека вози треба да биде санкциониран.
Одземање на дозволата и при првиот прекршок
Новите правила стапија во сила на 14 декември 2024 година. Според податоците на Министерството за внатрешни работи, 8.912 возачи ја изгубиле дозволата поради нелегално користење на мобилен телефон за време на возење.
Во само три месеци се одземени 17.607 дозволи, а речиси половина од случаите се поврзани со употреба на паметни телефони.
Казните се строги: оние што ќе бидат фатени првпат се соочуваат со забрана за возење од две недели до два месеца и парична казна од 250 до 1.000 евра.
Повторените прекршоци носат казни и до 1.400 евра и забрана за возење до три месеци.
Мерките веќе даваат резултати
Според статистиката, околу 100 Италијанци секој ден остануваат без возачка дозвола. Иако бројот изгледа драстично, Министерството за внатрешни работи вели дека мерките веќе даваат резултати: бројот на загинати во сообраќајни несреќи е намален за 20 отсто, бројот на повредени за 8,8 отсто, вкупниот број на несреќи за 5,5 отсто и тоа само во првите три месеци по воведувањето на новите правила.
Властите проценуваат дека на овој начин се спасени над 60 животи.
Полицијата одговара на критиките
Мерките предизвикаа многубројни реакции. Противниците ги нарекуваат „ограбување“ и „лов на возачи“. Сепак, Министерството за внатрешни работи ги одбива тие обвинувања нагласувајќи дека правилата се јасни, контролите се доследни, но не и произволни.
Бројот на други сообраќајни прекршоци не се зголемил во споредба со претходната година, што покажува дека мерките се насочени кон најголемиот причинител на несреќи денес: одвлекување на вниманието поради мобилни телефони.
Извор:
Atvbl.rs
Фото: Freepik