„Гугл“ објави голем број значајни промени во „Гугл плеј стор“ со цел да ја трансформира платформата од место за преземање апликации во побогато корисничко искуство. Повеќето новини се потпираат на вештачка интелигенција, а овој потег доаѓа во време кога сѐ повеќе се зборува за отворање на „Андроид“ екосистем за продавници за апликации од трети страни и алтернативни продавници.
Највидливата промена е воведувањето на нов таб наречен „Ју таб/You Tab“. Тој ги комбинира функциите на персонализиран профил и делот „За тебе“, нудејќи препораки за апликации, содржина од услуги за стриминг достапни на „Плеј стор“ и пристап до универзални профили на игри на „Гугл“. Дополнително, „Гугл“ ги проширува начините на кои корисниците можат да откриваат апликации. Регионалните делови, инспирирани од тестови како „Крикет хаб“ во Индија или делот за стрипови во Јапонија, сега доаѓаат и во други земји. Во Кореја беше лансиран посебен дел за забава, кој комбинира кратки видеоформати, веб-стрипови и апликации за стриминг. Интересно е што корисниците во САД ќе можат да читаат веб-стрипови и да гледаат корејски драми во краток формат директно во „Плеј стор“, без дополнителни преземања.
Вештачката интелигенција игра клучна улога и во пребарувањето. Новата функција „Водено пребарување“ им овозможува на корисниците да пребаруваат резултати по цел, како „купување куќа“, а потоа „Џемини АИ“ ги организира апликациите по релевантни категории. Исто така, функцијата „Прашај плеј/Ask Play“, која ви овозможува да поставувате прашања за апликацијата и да добивате одговори генерирани од вештачка интелигенција, се проширува на сè поголем број страници на апликацијата.
Промените почнуваат да пристигнуваат во земјите каде што е достапна програмата „Гугл плеј поинтс“, вклучувајќи ги САД, Велика Британија, Јапонија и Кореја, додека во други земји ќе бидат достапни од 1 октомври.
Фото: YouTube screenshot