X
 27.06.2019 Технологија

Мамите во игри? Во оваа земја за тоа може да добиете до две години затвор

Тоа дека Јужна Кореја е далеку пред сите кога станува збор за закони и уреденост на светот на видеоигрите не е никаква тајна. Земјата во која кон крајот на минатиот век се роди е-спортот е „водечка сила“ во таа област, што се гледа и по успесите на нивните е-спортисти.

Овие успеси редовно ги следат и законски регулативи, па така има и такви што се однесуваат и на негативните страни. Во Јужна Кореја нештата како мамење за игри, местење натпревари и други видови махинации се сфаќаат многу сериозно и добро се регулирани со закон, па сега на ред дојде и бустањето на профилите во игрите.

Доколку не знаете за што станува збор, во прашање е ситуација кога на некој што е многу подобар од вас во некоја игра ќе му го дадете вашиот профил и тогаш тој играч за паричен надоместок (или без, ако ви е пријател) ќе игра додека не ве однесе до повисоките нивоа. На тој начин индиректно се оштетуваат другите играчи затоа што вие на неправеден начин сте напредувале во играта.

Овој закон е усвоен уште во декември минатата година, но дури сега стапи во сила. Со него бустањетo на профили се смета за правно регулиран прекршок. Потенцијалните казни за бустерите се до две години затвор и до 18.000 долари парична казна. Освен класичното бустање, законот опфаќа и одредени облици на дуо играње и „носење“ во повисоки нивоа, како и уште некои други облици што можат да се дефинираат како неправедна помош.

Секако, законот не е црно-бел и ќе се гледа од ситуација до ситуација и од игра до игра, односно пред сè како самите компании го регулираат тоа во своите игри.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија