„Домаќинка – подвиг рамен на монашкото послушение.
Во меѓувреме стана непристојно жена да каже дека е домаќинка. На прашањето: „Со што се занимавате, госпоѓо?“, таа ќе се притесни, ќе застане за еден долг миг, па дури тогаш ќе го изговори тоа поразително признание дека е домаќинка и дека не работи ништо друго.
Во време кога жените се менаџерки, секретарки, министерки или во најмала рака пиарови кои ги има мал милион, да се биде домаќинка, која не работи ништо друго, е поразително признание за залудноста на животот.
А има ли нешто посвето од тоа најчесто занимање во нашите краишта, од тоа жртвување на кариерата и суетата за да им се служи на ближните со љубов која е сè поретка во нашите животи?
Да се оди на пазар, да се избираат со прсти најдоброто овошје и зеленчук, да се смислуваат за секој ден нови оброци кои нема да се повторуваат, а покрај тоа да се води сметка да се потроши што е можно помалку, да се готви, пере и пегла, да се чисти куќата, да се држи секогаш блескава и удобна, да се плаќаат сметките за струја, вода, греење и телефон, да се бараат со непријатност секој ден пари од сопругот за сето тоа, да се биде секретар и пиар на семејството, а често и лекар и негувателка, а притоа да му се каже на општеството дека со ништо не се занимавате.
Затоа, драги мои домаќинки, кога оние со долги, лакирани нокти ќе ве прашаат со што се занимавате, слободно кажете им дека се занимавате со оние што ги сакате!“
Фото: magnific