X
 27.08.2022 Живот

Дали сте слушнале за руската Ана Франк: Мика Антиќ ѝ ја посветил „Едно изгубено рандеву“

Речиси и да не постои човек на светот кој не знае која била Ана Франик и што пишувала во нејзиниот дневник. Трагичната судбина на девојката која ја поминала војната криејќи се во потпокрив во Амстердам, пред да биде откриена и испратена во логор заедно со нејзиното семејство, стана позната низ целиот свет.

Но, дали сте слушнале за Тања Савичева?

Татјана Николаевна Савичева била советска девојка. Нејзиниот живот пред војната не се разликувал многу од животот на милион руски деца. Татко ѝ починал кога имала 6 години, а мајка ѝ останала сама со пет деца - девојчињата Тања, Евгенија и Нина и момчињата Михаил и Леонид.

Семејството планирало да го помине летото 1941 година на село, но нападот на Советскиот Сојуз на 22 јуни го спречил тоа. Сите освен Михаил одлучиле да останат во Ленинград. Токму оваа постапка ќе се покаже како кобна.

Семејството ѝ помагало на советската војска - Марија шиела униформи, Леонид работел како проектант во Министерството за морнарица, Евгенија (Жења) во фабрика за муниција, Нина во изградба на одбраната на градот, а вујковците Васја и Љоша во воздушната одбрана. Тања копала ровови кога имала само 11 години.

По неколку дена откако Нина едноставно не се вратила од работа, мајката ѝ ја дала нејзината тетратка на Тања. Таа ја искористила за да почне да пишува дневник. Претходно Тања имала вистински, голем дневник, но го запалила кога немале со што да се згреат.

Секој ден, сестрата на Тања, Евгенија, станувала пред зори. Пешачела неколку километри до фабриката која произведувала нагазни мини. Евгенија работела во две смени. Освен тоа, дарувала и крв. Како резултат на тоа, нејзиното тело ослабнало, па починала во фабриката на 28 декември 1941 година.

Кратките записи што Тања ги направила во својот дневник го покажуваат целиот ужас со кој се соочила почнувајќи од тој ден:

„Жења почина на 28 декември 1941 година, напладне.
Баба умре на 21 јануари 1942 година, во 13:00 часот.
Љока почина на 17 март 1942 година, во 5:00 часот наутро.
Чичко Васја почина на 13 април 1942 година, во 2:00 часот по полноќ.
Чичко Љоша почина на 10 мај 1942 година, во 16:00 часот.
Мама почина на 13 мај 1942 година, во 7:30 часот наутро.

Целото семејство почина. Сите умреа. Тања остана сама“.

1
Фото: Wikipedia

„Пролет е во Ленинград, мила моја“

Во август 1942 година Тања стана едно од 140. деца спасени од Ленинград и однесени во селото Красни Бор. Била сосема сама, изгладнета и во шок. Зборувала малку, а јадела уште помалку иако очајно ѝ била потребна храна.

Анастасија Карпова, учителка во тамошниот дом за деца без родители, испратила писмо до братот на Тања, Михаил, кој во тој момент бил единствениот нејзин жив роднина: „Тања е жива, но не изгледа здраво. Лекарот кој ја посети вели дека е многу болна. Потребен ѝ е одмор, посебна грижа, добра исхрана, подобра средина и најмногу мајчинска љубов“.

Од цело семејство, војната ја преживеале само Нина и Михаил. Во 1945 година се вратиле во Ленинград и го пронашле дневникот на Тања во остатоците од нивниот дом. За време на војната Михаил бил на село, а Нина не се вратила дома, не затоа што умрела, како што мислело семејството, туку затоа што како примерен работник итно била префрлена до езерото Ладога и евакуирана.

Споменот на Тања и нејзиниот краток живот и денес е зачуван во Русија. Оригиналниот нејзин дневник е изложен во Историскиот музеј во Ленинград, а единствената копија се наоѓа на спомен-гробиштата Пискаривское. Во мај 1972 година, во Шатки бил откриен споменикот на Тања Савичева, кој подоцна бил проширен во меморијален комплекс. Астероидот откриен во 1960 година го добил името „2127 Тања“.

Иако многу помалку позната од приказната за Ана Франк, судбината на Тања Савичева била позната и на нашите простори.

Мика Антиќ ја напишал песната „Едно изгубено рандеву“ и таа е инспирирана од нејзиниот дневник: „Пролет е во Ленинград, мила моја. Наскоро ќе почнат белите ноќи, ќе се отворат мостовите како раце насочени кон небото. Ве чекав синоќа на Фонтанка, пред три дена ве бара полуден од Ладога до Финскиот залив, со такси брзав покрај Нева. А вие сите умревте. Ова е моето изгубено рандеву“.



Извор: b92.net
Насловна фотографија: Wikipedia
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот